Претседателот на Државната изборна комисијата, Александар Чичаковски поднел барање за престанок на функцијата. Оставката била негов личен чин. Од Собранието велат дека до архивата се пристигнати и барањата за предвремен престанок на функцијата на членовите на ДИК предложени од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев.
„Утрово со колешката Дума бевме во Собранието и оставките ги поднесовме во архивата“, изјави Милев.
Нивните оставки следуваат откако во јавноста американскиот амбасадор Бејли обелодени дека членовите на ДИК зеле бонус од четири плати за локалните избори. Претседателот и членовите на ДИК, Александар Чичаковски, Реџеп Прекопуца, Атанас Урумов, Виолета Дума, Игор Милев, Субхи Јакупи, Сашо Срцев и Силвана Бонева си исплатиле дополнителни четири нето плати. На последната седница тие најавија дека парите или ќе ги донираат или ќе ги вратат во буџетот.
За разрешување на член на ДИК, односно констатирање на оставката во овој случај, треба да гласаат 2/3 од пратениците во Собранието.
Мандатот на овој состав на Комисијата истекува во 2020 година.