Претставници на словенечката Влада во изминатите денови посетуваат погранични подрачја и разговараат со жителите бидејќи не се откажуваат од арбитражната одлука, објави Н1.
Владата во Љубљана подготвила закони потребни за спроведување на арбитражната пресуда за границата во оној дел во кој тоа може да го направи без соработка со Хрватска.
На незадоволните словенечката Влада им нуди 45.000 евра по лице или нешто помалку од 100 илјади евра за четиричлено семејство ако одлучат да се иселат од домот што е на хрватска територија. Но, и куќата останува во нивна сопственост.
„Тоа е дел од пакет субвенции кои словенечкиот Парламент ги прифати во ноември“, изјави Лилјана Козлович, секретар на словенечката Влада.
Исто така, оние кои ќе се согласат да се отселат имаат можност да бираат престој во Република Словенија.
„Поради меѓународното право и важноста за одредување на државната граница, премиерот Миро Церар го повика хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ да именува меѓудржавна комисија што ќе одреди граница на копно и можни корекции на оние точки каде е тоа можно“, изјави Козлович.
Според неа, арбитражната пресуда ќе почне да важи кога Владата ќе донесе одлука за картографски приказ на состојбата и кога сето тоа ќе се внесе во катастар.