Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, гостуваше во една од централните информативни емисии на „Би-Би-Си“, „Beyond 100 Days“.
Во најавата на интервјуто, новинарката од студиото во Вашингтон ја претстави Македонија како земја која бара место во ЕУ и НАТО, по 10-годишно националистичко владеење, а новата влада избрана врз заложбите за антикорупција и економски реформи сега се пробива напред.
Во студиото во Лондон,со министерката за одбрана разговараше и новинарот Кристијан Фрејзер, кој ја праша Шекеринска зошто Македонија сака да биде членка на ЕУ.
„Поминавме низ 90-тите години, поминавме низ тешкотиите на распаѓањето на Југославија и знаеме колку е важно да имаме стабилно владеење, пристојни демократски вредности и да припаѓаме на нешто што е подобро и поголемо. И овие беа клучните поенти што произлегоа од нашите граѓани“, гласеше одговорот на македонската министерка.
На прашањето околу настаните на 27 април и сликите со насилство во земја која сака да биде членка на ЕУ, кои го обиколија континентот, Шекеринска рече:
„Со вистинска политика и со вистинско лидерство, можете земјата да ја направите посилна. Македонија доживеа продолжена политичка криза која траеше три години, но од неа излеговме посилни и покажавме дека со вистинска политика и лидерство Македонија повторно стана позитивен балкански пример за ЕУ и НАТО“