Македонија и официјално го доби грантот за пругата Бељаковце – Крива Паланка

Facebook
Twitter
Email
Print

Пругата од Бељаковце до Крива Паланка, во должина од 34 километри, ќе се гради со европски пари. Македонија доби грант, односно неповратни средства, во висина од 68,6 милиони евра наменети за втората фаза од пругата кон Бугарија.

Вкупната инвестиција за изградба на оваа делница е 146 милиони евра. Оваа сума државата претходно ја обезбеди преку кредит од Европската банка за обнова и развој. Од Министерството за транспорт и врски информираат дека како резултат на добиениот грант ќе се искористи само дел од овој заем односно околу 80 милиони евра.

За пругата кон Бугарија на терен има активности за првата делница во должина од 30,8 километри и за неа се обезбедени 43,5 милиони евра. Реализирани се 25 проценти од градежните работи. За третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, долга 24 километри, се уште се подготвува проектната документација. По нејзиното завршување ќе се знае точната сума за изградбата која што ќе се обезбедува од европските фондови и банки. Вредноста за изградба првично е проценета на 350 милиони евра. Досега преку Оперативата ИПА програма 2014-2020 се обезбедени 60 милиони евра. Крајниот најавен рок за изградба на пругата е 2025 година.

Министерот Сугарески пред извесно време најави дека целиот проект ќе биде готов до 2025 година.

„Она што го најавивме пред неколку месеци при посетата на Трст ќе биде реализирано. Македонија ќе добие грант од 68,6 милиони евра за изградба на втората делница од железницата кон Бугарија од Белјаковце-Крива Паланка. Проектната документација е завршена, објавена е тендерска постапка која треба да заврши и во 2018 година  треба да почне изградба на оваа железница“, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Инаку, Управувачкиот комитет на Инструментот за Инвестициска рамка за Западен Балкан вчера, покрај парите за пругата, на Македонија ѝ одобри и грант во висина од еден милион евра за изработка на техничка документација за автопатот кон граничниот премин Блаце. Ова е еден од најдолго ветуваните инфраструктурни проекти во државата. Станува збор за делница во должина од 13 километри, чија изградба треба да чини 100 милиони евра. Од другата страна на границата, односно во Косово, интензивно се гради. Пред еден месец косовските медиуми објавија дека автопатот „Арбен Џафери“ од Приштина до Блаце во должина од 55 километри, ќе биде готов до крајот на 2018 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи