ФИФА со писмо ѝ се закани на Шпанија со исфрлање од Светското првенство во Русија, ако политиката продолжи да се меша во изборот на нов претседател на федерацијата.
Според ФИФА, мешањето на централно-десничарската влада на Шпанија во изборот на нов претседател на шпанската фудбалска федерација би можело да резултира во дисквалификување на шпанската репрезентација од претстојното Светско првенство.
Откако Анхел Мариа Виљар беше присилен да се повлече од позицијата претседател поради обвинение за корупција, шпанскиот фудбал привремено го води Хуан Падрон, кој е цело време под политички притисок, пишува Ел Паис.
Подготовките за избор на нов претседател се во тек, а според шпанскиот весник, владината агенција Национален спортски совет веќе ја контактирал федерацијата со однапред одбран кандидат. Тоа би било против законите и правилата на ФИФА, кои велат дека ниту една национална влада не смее да се меша во изборот на функционери во фудбалските федерации.
ФИФА може да го суспендира секој национален тим од првенствата и натпреварите кои се организирани под нивната капа, па така учеството на репрезентацијата на Шпанија би можело да биде загрозено доколку Светската фудбалска федерација ја докаже вината на шпанската влада.
По ваквите пишувања се огласи и капитенот на Шпанија, Серхио Рамос кој кажа дека не е премногу загрижен, но дека ФИФА не смее и не треба да дозволи да се случи тие да останат дома, наместо во Русија на Мундијалот.
„Да бидам искрен, не верувам во оваа приказна. Шпанија не заслужува да го загуби во канцеларија, она што го заработи на теренот. Доколку има некои санкции, мислам дека не ни се заканува не учество во Русија. Навистина воопшто не сум потресен за ова“, вели Рамос.
Инаку, повторно во оваа приказна, како што беше случајот и со заканата кон Перу, Италија ја гледа својата надеж и покрај тоа што не успеа да се пласира да игра на Светското првенство. Дали овој пат ќе им се посреќи останува да видиме.