ВИДЕО – Петров : Договорот Заев-Борисов е предавство на нацијата, a МПЦ итно да го повлече барањето до БПЦ

Македонското здружение „Басилеј“ од Прилеп и Канцеларијата за врски на Светскиот Македонски Конгрес вечерва организираа научна академија на тема „Македонско-Бугарските односи – братство или предавство“. Академијата се  одржа во хотелот „Сонце“. Според претседателот на Светскиот Македонски Конгрес, Тодор Петров, договорот со Бугарија бил велепредавство. Петров нагласи дека Македонија треба да гради добри односи со сите соседите, но на принципот на взаемно почитување и без мешање во внатрешните работи.

 

 

„Се додека за Софија Македонија е дел од Бугарија, Македонците се Бугари, а македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, договорот Заев-Борисов, претставува велепредавство на нацијата и државата. Посакуваме не само со Бугарија, туку и со сите соседни држави да градиме односи врз основа на меѓународниот принцип на еднаква сувереност што подразбира взаемно почитување, соработка по сите прашања од зеднички интерес, без мешање во внатрешните работи, но на реципроцитетна основа. Очекуваме тие односи да бидат изградени и со Бугарија, но не на начин на кој тоа го направи владата на Заев. Со еден договор со кој се откажуваме од Македонците во Бугарија и сме согласни за формирање на билатерална меѓудржавна комисија која што треба да изврши ревизија на македонската култура, јазик и историја.

 

Петров потенцираше дека очекува Синодот на МПЦ да го повлече барањето до БПЦ таа да биде наша мајка црква затоа што само МПЦ била единствена каконска наследничка на Охридската Архиепископија и на Јустинијана Прва и на МПЦ не и требало признавање од никого.

 

„Тоа барање ниту е според каноните, ниту е во согласност со историјата. Очекуваме Синодот на МПЦ да го повелече барањето упатено до БПЦ. Македонија е единствена канонска наследничка на Охридската Архиепископија и на Јустинијана Прва. МПЦ е апостолска црква и на неа не и треба признавање од никого. Таа треба на сите цркви да им понуди евхаристичко единство и сослужение. Македонија не излезе од Југославија за да од прегратките на Србија се фрли во прегратките на Бугарија. Синодот имаше една таква авантура со СПЦ, со Нишката спогодба, излезе од таа авантура без ратификација на договор кој беше усогласен помеѓу комисиите на двата Синода. Но ете политиката успеа да ги навлече македонските епископи да влезат кон една нова авантура со Бугарија за да го оправдаат договорот помеѓу двата премиера Заев и Борисов. Македонските епископи мора да го симнат гревот за да не остане срамот врз нацијата и црквата“, додаде Петров.

 

На академијата учесниците прокламираа и три резолуции за државното име Македонија, за Договорот за соработка, добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија и за Законот за употребата на јазиците во Македонија.

 

„Отфрламе договор за промена на името на државата, конзистентни сме во ставот за отфрлање на референдум, отфрлање на амандмани на уставот и отфрлање на ратификација на меѓународен договор во собранието со цел промена на името на државата. Секако не го прифаќаме законот за двојазичност бидејќи е резултат на тиранската платформа за рекомпонирање на државата и прогласување на Македонија непосредно за бинационална држава“, истакна Петров.

 

Иако на Академијата требаше да учествуваат и Митрополитот Преспанско-Пелагониски г. Петар, архимандритот о. Никодим Царкњас од Грција, проф.д-р Стефан Влахов Мицов, Симеон Иванов Канго како и Исмаил Бојда никој од нив вечерва не се појави во Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи