Путин: Благодарност до Трамп и ЦИА, ни помогнаа да спречиме терористички напад

САД ѝ пренесле информации на Русија со кои е спречен смртоносен бомбашки напад во Санкт Петербург, соопштија американски и руски официјални претставници во неделата во несекојдневна јавна промоција на нивната соработка.

 

Тие информации, им послужиле на руските тајни служби да ги лоцираат и да ги фатат терористите кои што планирале да изведат голем терористички напад во вториот по големина руски град.

 

Руската безбедносна служба „ФСБ“ соопшти дека податоци од ЦИА им помогнаа на руските безбедносни сили да осуетат планови на поранешни членови на Исламска држава за напад во Санкт Петербург. Една од целите во вториот по големина град во Русија, била и катедралата „Казањска Богородица“.

 

Засега се уапсени седум лица, а запленето е огромно количество експлозиви, оружје и литература. Годинава Русија се соочи со неколку напади, меѓу кои и априлскиот во подземната железница на Санкт Петербург во кој загинаа 14 луѓе.

 

Рускиот претседател Владимир Путин во телефонски разговор му се заблагодарил на неговиот американски колега Доналд Трамп за информациите кои што од ЦИА им биле доставени на руските власти. Според соопштението Путин му се заблагодарува и на Мајк Помпео директорот на ЦИА како главна служба во обезбедувањето на информациите.

 

„Претседателот на Русија, Владимир Путин телефонираше денеска на претседателот Доналд Трамп за да му се заблагодари поради тоа што американските разузнавачки служби претходно ја предупредија Русија за голема терористичка завера во Санкт Петербург. Врз основа на тие информации кои ги споделија Соединетите Американски Држави, руските власти успешно фатија терористи непосредно пред нападот, кој би можел да доведе до смрт на поголем број на луѓе“, се наведува во соопштението од Белата Куќа.

 

Путин наводно на својот американски колега му ветил дека и руските безбедносни служби ќе споделат секаква информација со која што ќе располагаат, доколку дознаат дека на територијата на САД се подготвува некој терористички напад.

 

 

Претседателот Трамп изјави дека разузнавачката заедница на САД е задоволна што спасила многу човечки животи во Русија, кога помогнала да се спречи терористичкиот напад во Санкт Петербург

 

Односите меѓу Вашингтон и Москва долго се напрегнати поради несогласувањата околу војните во Украина и Сирија, иако Трамп во предизборната кампања најавуваше дека ќе се залага за нивно подобрување.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.