Празникот Свети Никола одбележан во прилепската населба Жабино Маало

Традиционално како и секоја година, еден ден пред големиот христијански празник Свети Никола, со прережување на славскиот колач и мал водосвет, кој се изведе пред параклисот посветен на Свети Никола, жителите на прилепската населба Жабино Маало денеска го одбележаа споменот за патрониот празник на Прилеп.

 

Годинешните и идните домаќини од населбата Жабино Маало рекоа дека Свети Никола бил куќна слава скоро на целата населба и ги поканија граѓаните и идната година да бидат нивни гости.

 

„Од година во година сме се побројни кои доаѓаме тука и го чествуваме празникот Свети Никола кој е куќна слава скоро на целата населба. Му благодариме на градоначалниот за неговото присуство денес и ги покануваме граѓаните и наредната година да бидат наши гости“, истакна Оливер Златаноски, домаќин на славата.

 

„Нас Свети Никола не ни е куќна слава, но живееме тука и веќе подолг период сакав да се пријавам за домаќин. Годинава се одлучив, чувството да се биде домаќин на еден ваков настан е одлично и ги поканувам сите граѓани наредната година да дојдат тука за овој ден“, вели Петре Козароски, иден домаќин на славата.

 

 

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, кој присуствуваше на свеченоста истакна дека Свети Никола е слава која ја имаат поголем дел од граѓаните во нашиот град и дека сите традиции поврзани со одбележувањето на овој ден ќе продолжат и понатаму.

 

„Традицијата во Прилеп продолжува и понатаму, продолжува чествувањето на сите слави во нашиот град. И денеска по повод патрониот празник на нашиот град Свети Никола присуствуваме тука во населбата Жабино Маало и на сите граѓани сакам да им ја честитам оваа слава и да ја славиме уште многу години. Ги поканувам сите граѓани на Прилеп утре да присуствуваат на одбележувањето на патрониот празник во центарот на градот“, изјави Илија Јованоски, градоначалник на Општина Прилеп.

 

Утре Прилеп по 12-ти пат ќе ја одбележи својата градска слава Свети Никола. Чествувањето ќе започне со  литургија во црквата Свето Благовештение, а потоа ќе се изврши водоосветување и прережување на славскиот колач кај параклисот на Свети Никола. За сите присутни, годинешните домаќини од хотелот „Салида“, имаат подготвено и празнична трпеза која ќе биде послужена во центарот на градот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи