Азија ни го „украде“ „Ел Класико“: Зошто Реал и Барса ќе играат од 13:00 часот?

Сигурно многумина се прашуваат која е причината поради која можеби најголемиот фудбалски натпревар во светот, оној помеѓу Реал Мадрид и Барселона, во сабота се игра од 13:00 часот. Причината е сосема јасна.

 

Јасно е како ден дека најголемите пари во моментов се на Исток. Повеќе луѓе, поголем пазар, повеќе ресурси, помлада популација, сето тоа е фактор поради што Стариот континент ја губи својата битка.

 

Европа се уште не се дава, но мора да се прилагоди на новиот светски поредок, пред се финансиски. Токму тоа е објаснувањето што првото „Ел Класико“ во новата сезона од Примера се игра во невообичаен термин – во сабота од 13:00 часот. Индија, Кина, арапските држави, Иран, Казахстан, Азербејџан, па дури и Јапонија, тоа се земјите на кои Примера цели со овој потег.

 

„Желбата ни е сите наши навивачи во Азија да имаат шанса да ги гледаат Реал Мадрид и Барселона во за нив пристојно време. Натпреварот започнува во 13:00 часот во Мадрид, 20:00 во Шангај, 19:00 во Џакарта и 17:30 во Њу Делхи. Тоа се локации на кои знаеме дека имаат многу навивачи овие два клуба, па организиравме и неколку случувања“, во една реченица објаснува шефот за комуникации на Ла Лига, Жорис Еверес, потврдувајќи ја така мислата на претседателот на натпреварување Хавиер Тебас, да се потруди секој дел од светот да може да ужива во мечевите од шпанското натпреварување.

 

Со потенцијал од 650 милиони гледачи, „Ел Класико“ е најпопуларниот натпревар на светот, бидејќи покрај традицијата и големите асови, таа содржи пеколно спортско, но и политичко ривалство.

 

Меѓутоа, не станува збор само за ТВ гледачите и наплатата од ТВ правата ширум планетата за ова „Ел Класико“, туку и инсистирањето на спонзорите на двата клуба за кои пазарот од неколку милијарди жители е далеку полукративен од се помалата и посиромашна Европа. Само од јапонски „Ракутен“ Барса минимално ќе заработи 220 милиони евра во следните пет години. Покрај тоа, Ла Лига сака да фати чекор со англиската Премиер лига која полека станува „НБА во фудбалот“, собирајќи минатата сезона дури 3,9 милијарди долари приходи од домашните и меѓународни ТВ права. Ла Лига мораше да се задоволи со 1,9 милијарди, што за Шпанците, особено за сопствениците на клубовите, воопшто не е задоволително.

 

Сепак Ла Лига е најсилно првенство и има седум шампиони во Лигата на шампионите во последните 12 години, освен тоа ги има Реал Мадрид и Барселона, веројатно најголемите клубови во Европа во моментов, а тука се и ѕвездите, пред се Кристијано Роналдо и Лионел Меси, двајцата најдобри во последната деценија и едни од најдобрите во историјата, а тука се и Суарез, Иниеста, Бускетс, Модриќ, Бејл, Рамос…

 

За Шпанците е недозволиво лигата од која произлегува репрезентацијата која беше двоен европски и светски шампион во последните девет години, лигата во која ги има најголемите фудбалски ѕвезди на планетата и клубови кои го имаат најгламурозното дерби на светот, да заработува помалку од Премиер лигата. Ла Лига има потенцијал да зараобтува многу повеќе од англиската елита, а тоа не се користи, па сега се преземаат радикални чекори.

 

По Азија, челниците на Ла Лига тргнуваат во напад на Латинска Америка која ја запоставија во последните години, каде притоа имаат далеку поголеми шанси за успех, откако САД и Канада им ги украде Премиер лигата. Вистина, пазарот е далеку помал од оној во Азија, но културолошки многу поблизок…

 

Сето ова е очекувано и јасно, па затоа подгответе се за организациони промени во фудбалот во следните години. Овој „евроцентрички модел“ полека изумира и јасно е дека можеби во следната деценија ние Европјаните ќе бидеме тие кои „Ел Класико“, но и многу други големи натпревари во Примера, Премиер лигата, Лигата на шампионите… ќе ги гледаме во три часот наутро. Затоа, да уживаме во ова што го имаме додека можеме.

 

Извор: СпортКлуб

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.