Брисел го покрена членот 7, Полска може да остане без право на глас

Европската комисија денеска му предложи на Европскиот совет да отпочне постапка против Полска според членот 7 од Лисабонскиот договор, што би довело да доведе до одземање на правото на глас на Полска во институциите на ЕУ.

 

Европската комисија ја обвинува Полска дека ги прекршила правилата на ЕУ за владеење на правото, откако полскиот Парламент донесе закони за правосудни реформи. За ЕУ беше спорна и одлуката на мнозинството на полската владејачка партија Право и правда да не им дозволи на петте нови членови на Врховниот суд, именувани пред изборите во 2015 година од страна на претходната Влада, да ги заземат своите функции во Судот.

 

“По повеќе напори, во текот на речиси две години, да ги воведеме полските власти во конструктивен дијалог во Рамката за правна држава, Европската комисија (ЕК) денес заклучи дека постои јасен ризик за сериозно нарушување на владеењето на правото”, изјави денес вториот човек на ЕК Франс Тимерманс.

 

Полската агенција ПАП претходно соопшти дека ЕК презела чекор без преседан, кон можно воведување санкции против Полска, поради правосудните закони во таа земја, кои се сметаат за кршење на основните демократски вредности на Европа. Како што додава полската агенција, Комисијата го покренала членот 7 од Лисабонскиот договор, процедура која на крајот би можела да доведе до тоа Полска да го изгуби правото на глас во ЕУ.

 

Полскиот министер за правда Збигњев Жјобро ја потврдил информацијата, истакнувајќи дека ја примил одлуката смирено и инсистирајќи дека Полска е земја која ги почитува законите.

 

Членот 7, кој некогаш се нарекуваше нуклеарна опција, никогаш претходно не бил покренат против некоја држава.

 

„Со тешко срце го активиравме членот 7. Но, немавме друг избор, имајќи ги предвид фактите. Немавме друга можност. Ова не се прави поради Полска, туку за целата ЕУ“, изјави потпретседателот на Европската комисија Франс Тимерманс, кој го водеше процесот против Полска.

 

Тимерманс сепак изрази надеж дека Брисел и Варшава ќе може да ги продолжат и интензивираат разговорите околу спорните прашања.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien