ВИДЕО : Претпремиера на „Сонот на летната ноќ“ од училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“

Училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“ од Прилеп, во киното Мис Стон, вечерва ја одржа претпремиерата на претставата „Сонот на летната ноќ“, работена по текст на Вилијам Шекспир. Ова е завршна претстава на средната А група при училиштето. Претставата била работена по т.н. Мерхотов метод, а поради својата тежина учениците ја подготвувале цели 7 месеци. Станува збор за романтична комедија во која учествуваат 14 актери.

 

„Сонот на летната ноќ“ е најиграната и најусловно речено актуелната комедија на Вилијам Шекспир која што тој ја напишал пред 500 години и до денес таа е многу поставувана. Станува збор за една роматична комедија во која што се испреплетени магиски елементи каде што во една магична шума 4 млади Атињани се заглавуваат и се на милост и немилост на кралот и кралицата на самовилите кои си играат со нивните чувства. Ние оваа претстава ја работевме по методот на Мејерхолд, тој е руски режисер кој работел во 20-тите и 30-тите години на минатиот век. Методот е всушност биомеханика каде што преку телото ние ги искажуваме емоциите и се обидуваме да избегаме од конвенционалниот театар. Во претставата има доста акробатика, пантомима, мимики и доста физички театар“, изјави Саша Нацевски, основач на училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“.

 

 

Утре е закажана премиерата на претставата, а репризата ќе се одржи во петок. Актерите велат дека претставата е доста тешка за играње и барала вложување на многу труд.

 

„За оваа претстава посветивме доста време така што сите проби ни беа направени со најголема концентрација и енергија. Меѓусебно се поддржувавме. Ова не е обична комедија на која публиката само ќе се смее туку се работи за друг временски период кој што го користел Шекспир, за поинаквии зборови напишани во стихови и доста тешки движења, затоа и ја наменивме за поголема возраст за над 15 години. Од нашата школа сме 8 мина, но дојдоа и други кои ни помогнаа околу улогите кои што не можевме да си ги овозможиме. Дојдоа од повозрасните групи од школата да ни помогнат. Работевме од летото, па се до сега, со доста долги проби, доста време посветивме и на костумите, шминката и друго“, кажа Лора Штаргоска, актер во „Чин 4 Сцена 5“.

 

„Ние на сцена ќе го претставиме Мејерхолд, физичкиот театар за кого мора да се вложи премногу труд бидејќи е тежок и не секој еден е надарен за да може да изведува такви елементи. Сите заедно се трудевме и вложувавме еден во друг, си помагавме и го направивме ова што сега имате прилика да го видите“, вели Теодора Велкоска, актер во „Чин 4 Сцена 5“.

 

„Се работи за доста тешка претстава која ја подготвуваме уште од летниот распуст, се работи за доста интересни елементи што можеби изгледаат едноставно, но ги спремаме подолго време. Мислам дека беше гревота целиот овој наш вложен труд да не го претставииме пред публика затоа што треба да се види дека во Прилеп младината го сака театарот“, рече Наум Георгиески, актер во „Чин 4 Сцена 5“.

 

„Сцена 4 Чин 5“ во сабота имаат уште една премиера од средната Б група при училиштето насловена како „600.613 каде ми се другарите ?“, завршната претстава на младите пак ќе се одржи во вторник на 26 декември и таа е насловена како „Волшебната шума“.

 

„Во изминатиов период имавме навистина многу напорна работа, би сакал да им се заблагодарам и на соработниците кои соработуваа за време на подготовките за оваа претстава всушност ова е 4 премиера за еден месец. Пред 2 недели имавме премиера на комедијата „Марш в кревет“ на Коле Ангелоски со големата група. На крајот од секое полугодие ние вадиме по една завршна претстава со која што ќе завршиме една наставно програмска единица од училиштето за театар“, додава Нацевски.

 

Во последниот период независните театарски групи во Македонија доживуваат вистински подем и презентираат претстави со еднаков квалитет како оние на националните театри. Актерите велат дека овие училишта им се основа и една т.н. отскочна даска за нивната идна посакувана професија, актерството.

 

„Ние постојано се трудиме за да во иднина продолжиме со актерството. Ова е една основа за нас, стануваме тука личности, се градиме, имаме добар ментор кој се труди да не однесе на правиот пат и не само за театарски елементи туку и за други работи во животот“, потенцираше Штаргоска, актер во „Чин 4 Сцена 5“.

 

Училиштето за театар „Сцена 4 Чин 5“ го посетуваат околу 40-тина млади поделени на 4 групи, на возраст од 5 па се до 22 години. За 2018 година веќе започнале со работа на една комедија која засега не сакаат да ја откријат, а исто така во подготовка биле уште неколку други претстави.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи