Американската администрација одобри план за испорака на оружје на Украина, соопштија официјални лица во Вашингтон. Одлуката за вооружување ќе го продлабочи учеството на САД во конфликтот во Украина и би можел да ги заостри руско-американските односи, јавува агенцијата Асошиејтед Прес.
Според извештај на американската телевизија Еј-Би-Си, пратката со оружје би требало да содржи 210 противтенковски ракети, во вредност од 39,6 милиони евра. Освен тоа, може да има и ракети од модерниот Џавелин-систем. Овој потег на американските власти претставува дополнителна поддршка за украинската војска која се бори против бунтовниците на истокот од земјата, но и нова болна точка во односите меѓу Москва и Вашингтон.
Украина ја обвини Русија за праќање на тенкови во Украина, а САД наведуваат дека Москва ги обучува и вооружува бунтовниците. Стејт Департментот не ги потврдува овие информации за испорака на оружје, наведувајќи само дека САД планираат да ги зајакнат одбранбените капацитети на Украина.
„Вооружувањето, според американското Министерство за надворешни работи, е од „чисто дефанзивна природа“. Украина е суверена држава и има право да се брани“, изјави портпаролка на Стејт департментот.
ЕУ и САД поради кризата во Украина воведоа санкции против Русија. Конфликтот во Украина почна во 2014 година, откако Русија го анектираше полуостровот Крим. Според наводи на ОН, оттогаш до денес се убиени повеќе од 10.000 луѓе. Мировниот план, којшто беше договорен во 2015 година, се спроведува само делумно.