ВИДЕО : Младите не гледаат никаква перспектива во Македонија и масовно се иселуваат

„Мојата иднина неможам да ја видам во Македонија. Ова е прекрасна земја со прекрасна култура, но најмногу менталитетот на луѓето ме влечи кон друга држава, исто и стравот за мојата иднина ме влечат надвор од државава. Се гледам себеси во САД, Германија и другите поразвиени и посовремени земји. Стравот за иднината, образованието, економијата и желбата за подобро утре, се главните причини кои ги одвлекуваат младите од Македонија. Според мене за жал нема подобро утре во Македонија“, изјави Наталија Наумческа, актер во училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“.

 

 

За жал овој став на Наталија Наумческа од Прилеп го имаат најголемиот дел од младите во Македонија кои масовно се иселуваат од државава. Тие не гледаат никаква иднина и перспектива за себеси тука. Инаку Наумческа е актер во претставата насловена како „600.613 – Каде ми се другарите ? “ на училиштето за театар од Прилеп „Чин 4 Сцена 5“, која вечерва премиерно беше поставена пред прилепската публика. Темата и на претставата е токму овој егзодус кој моментално и се случува на Македонија.

 

„600.613 ја заокруживме оваа бројка за да визуелно наликува на логото на Google затоа што нашите другари ги бараме на Google. Според некои податоци таа бројка дури е и поголема за некои 100.000 млади луѓе до 29 години кои ја напуштиле Македонија за 27 години. Значи тоа е колку 10 градови како Прилеп да си заминат, навистина погубно. Јас имав прилика да работам и во помалите градови, еве на пример ја земам Виница, каде според попис се водат 13.000 жители, а таму сега нема ниту 5.000 жители во реалноста“, истакна Саша Нацевски, основач и ментор на училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“.

 

Младите за да останат во Македонија бараат итно подобрување на целокупниот квалитет на живот во државава, подобро образование, вработување без партиската книшка да биде приоритет и пред се подобар економски стандард.

 

„Со нашето заминување, со нашето иселување државата губи млади образовани кадри и тука остануваат само пензионерите. Со оваа претстава сакаме да кажеме дека не треба да заминуваме од Македонија, бидејќи ако заминиме ние како млади нема да остане ништо во оваа држава. Младите заминуваат од Македонија поради несредениот живот тука, економски причини и слично. Јас сеуште незнам дали се гледам себеси во Македонија. Што ќе се случува во иднина најмногу ќе зависи од нас“, изјави Теа Кокондоска, актер во училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“.

 

„Младите заминуваат од Македонија според мене најмногу поради тоа што немаат пари. И јас би заминала во странство доколку работите не се средат тука, во никој случај мојата идниина не ја гледам во Македонија“, вели Андријана Божиноска актер во училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“.

 

„Да се инвестира повеќе во младината затоа што нашата држава веќе станува држава на пензионери. Треба повеќе да се вложува во образованието, бидејќи сите кои се заминати надвор од Македонија се пообразовани од нас и во државата остануваат се помалку писмени луѓе. Затоа треба да се инвестира во младите за да ги натераме тие што заминале да се вратат назад“, истакна Марко Ѓорески, актер во училиштето за театар „Чин 4 Сцена 5“

 

„Ова треба да се спречи со создавање на подобри економски, социјални и образовни услови каде што една млада личност нема да го гледа патот до успехот преку разни канали кои што не се условно кажано легални, туку каде ќе знае дека доколку вложи труд, тој труд ќе биде ценет на пазарот на трудот и ќе биде платен. А не да се задоволуваме со минималец од 200 евра, кој во западните држави е една дневница“, додава Нацевски.

 

Младите порачуваат дека гордите патриоти отпорни на сиромаштијата и невработеноста во Македонија остануваат се помалку на број бидејќи во последните години егзодусот на Македонците кулминира. Бараат итна реакција на власта за да се стопира сето ова. Најпосакувана дестинација за Македонците во последните години е Германија.

 

„Пораката на претставата е поставувањето на прашањето : Дали ние треба да го дозволиме ова ? Дали треба да дозволиме вакво масовно иселување ? Бидејќи има еден факт каде многу млади личности се запишуваат на факултет само со цел да избегаат од државата. А државата таа статистика дека 98% се запишале на факултет ја кажува само како бројка за на реклами. А 30% од сите запишани веќе избегале во странство“, истакнува Нацевски.

 

Доколку продолжи овој тренд Македонија за 10-тина години ќе остане држава на старци и секојдневни солзи кои ќе се леат за изгубените чеда по сите континенти.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи