Бројот на загинатите поради тајфунот Тембин, што предизвика лизгање на земјиштето и поплави во јужните делови на Филипините, достигна до 240 лица, а многумина сѐ уште се водат за исчезнати. Се смета дека многумина се закопани живи и сè уште лежат под урнатините на куќите.
Тропската бура „Тембин“ во петокот го погоди филипинскиот остров Минданао. Спасувачките екипи и понатаму трагаат по 107 лица, а се стравува дека многу од нив се загинати во свлечиштата и поплавите, кои за време на викендот уништија повеќе стотина куќи.
Околу 13.000 семејства од островот Минданао, односно најмалку 52.000 лица од Филипини го дочекаа Божик според грегоријанскиот календар во прифатилишта и кампови за евакуација.
Властите во Виетнам пак се подготвуваат да евакуираат еден милион луѓе поради тајфунот Тембин, кој според метереолозите се очекува во текот на ноќта да достигне до областа во близина на реката Меконг во јужниот дел на земјата.
Виетнамскиот комитет за катастрофи соопшти дека 74.000 лица од критичните подрачја се евакуирани на безбедно, додека локалните власти се подготвуваат да евакуираат повеќе од милион жители од провинциите.
Станува збор за 16-та тропска бура која годинава ќе го зафати Виетнам. Од почетокот на годината 390 лица загинаа или исчезнаа во тајфуни во Виетнам, а повеќе од 650 беа повредени.