Џудо клубот „Сеишин“ од Прилеп е основан во 2003 година и денес одбележува 14 години од своето постоење. Тој е еден од најмасовните џудо клубови во Македонија кој го посетуваат над 75 млади. Клубот активно го посетуваат и 7 до 8 ветерани.
Тренинзите се одржуваат во спортската сала во ООУ „Кочо Рацин“, а термините биле поделени на 2 до 3 групи и токму поради големата посетеност веќе се размислувало за преселување во поголем објект.
Ветеранот Киро Здравески вели дека џудото за прв пат во Прилеп се појавува во 1966 година, а веќе во 1968 година бил регистриран и првиот џудо клуб „Прилеп“. Тој истакнува дека тие како ветерани давале максимална поддршка на клубот затоа што тука се нуделе одлични услови за членовите.
Тренерот Дејан Мицкоски вели дека во 2017 година членовите на „Сеишин“ учествувале на вкупно 4 државни првенства, 5 меѓународни првенства, а клубот имал претставници и во репрезентацијата на 2 балкански првенства.
Најголем успех било освоеното трето место на балканското првенство за сениори од страна на Александра Најдоска. Орде Трајкоски пак го освоил 5-тото место во категоријата пионери на истото балканско првенство.
На меѓународните турнири имале освоено 8 први места, 18 втори места, 24 трети места или вкупно 50 медали на меѓународни турнири.
На државните првенства имале освоено вкупно 12 први места, 14 втори места, 15 трети или вкупно 41 медал на државни првенства.
Вкупно годинава „Сеишин“ ја завршил со освоени 92 медали.
Клубот „Сеишин“ го организира и еден од најголемиите џудо турнири кај нас, турнирот „Прилеп град херој“ кој годинава го посетија над 250 учесници од Балканот, а го отвори јапонската амбасадорка.
Повеќе околу активностите на клубот и неговите идни планови погледнете во интервјуто направено со дел од неговите членови.