Две третини од универзитетските професори би заминале да работат во странство

Facebook
Twitter
Email
Print

Над 68 проценти од универзитетските професори би ја напуштиле земјата доколку им биде дадена понуда да заминат во странство, а преку 20 проценти од нив веќе презеле конкретни активности за напуштање на Македонија, покажува истражувањето кое денеска беше презентирано на Правниот факултет Јустинијан Први.

 

„Студијата, изработена од Институтот за стратешки истражувања и едукација, се однесува на одливот на мозоци во областа на општествените науки, и го урива пристапот што се фокусираше на спречување на одлив на мозоци во природните и медицинските науки. Резултатите укажуваат на тоа дека се јавува еден голем потенцијал за миграција во општествените науки и тоа кај категоријата на највисокобразовани кадри“, вели Мишо Докмановиќ професор на Правниот факултет и автор на студијата „Воспоставување на критериуми за квалитет во општествените науки во функција на спречување на одливот на мозоци од РМ“.

 

Докмановиќ истакна дека предмет на анкетата, спроведена во септември годинава, биле универзитетски професори, асистенти, и истражувачи и додаде дека резултатите се поразителни.

 

„Државата десетици години инвестирала финансиски средства во образование, истражување, плати на најобразованите, а сега за 200-300 евра повеќе или помалку плата се доведува во ситуација да ги загуби“, вели Докмановиќ, додавајќи оти најголем дел од нив би ја напуштиле земјата поради подобар животен стил, а тоа подразбира подобра плата, односно егзистенцијалниот момент е пресуден.

 

Според него, подолг временски период како резултат на политиките на претходната влада универзитетите се целосно истрошени во финансиска смисла.

 

Дарко Спасевски професор од Правниот факултет, вели дека мотивите академскиот кадар да заминува во странство се повеќенасочни. Од една страна условите за работа на универзитетите, а од друга страна и личните предизвици за поврвни универзитети.

 

Александар Николов, од Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“, вели дека во земјава постои национална стратегија за ова прашање што го покрива периодот 2013-2020, меѓутоа сликата покажува дека не ги исполнува целите заради кои што е донесен овој стратешки документ.

 

Истражувањето на Институтот, исто така, покажува дека над 40 отсто од испитаниците би прифатиле работа во странство и која не одговара на нивните квалификации.

 

Студијата на ИСИЕ нуди неколку препораки за клучните носители на политики, првенствено Министерството за образование и наука, универзитетите како и другите институции и организации.

 

Извор: МИА

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи