Дијабетичарите со отворено писмо до Заев, бараат да стави крај на инсулинската криза

Facebook
Twitter
Email
Print

Здружението на лица со дијабетес „Шечерче- Лолипоп“ од Велес со отворено писмо, бара од премиерот Зоран Заев лично да се ангажира да се реши кризата со недостаток на инсулин, неопходен за дијабетичарите.

 

Во писмото тие потсетуваат дека ситуацијата е повеќе од сериозна, бидејќи до денес речиси цел месец нема инсулин. Тие потенцираат дека во јавноста досега повеќемина говореле за оваа тема, но како што велат од тоа немаат корист дијабетичарите.

 

„Скоро еден месец некои си поигруваат со судбините на над 50.000 од инсулин зависни граѓани, од кои над 500 се деца. Време е  Вие лично да се ангажирате и дејствувате. Пред сè, кон оние кои се законски обврзани и надлежни, а и кон оние кои земале обврска преку тендери навремено и редовно да ја остваруваат уставната обврска, во име на Република Македонија, за достава и достапност на лекување со инсулин во регуларните инсулински аптеки во количини кои треба да ги имаме. Уште еднаш од вас бараме да ставите моментален крај на инсулинската криза во државата. Инсулин да стасува до секој што му е потребно, а истовремно да донесете системско решение со кое нема да се овозможи следна криза, која и сега мислиме дека е наметната, но и без оглед на тоа, ни одзема животи“, се вели во писмото на здружението на лица со дијебетес „Шеќерче-лилипоп“.

 

Одговарајќи на новинарско прашање, владиниот портпарол Миле Бошњаковски ги отфрли тврдењата дека има недостиг од инсулин во земјава.

 

„Нашите информации говорат дека во моментов има доволно залихи и не постои инсулинска криза“, истакна Бошњаковски, најавувајќи дека новиот министер наскоро ќе излезе на прес-конференција и јавноста ќе има повеќе информации за сите актуелни прашања поврзани со секторот здравство.

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи