Турција и Русија потпишаа договор за набавка на ракетни системи за воздушна одбрана C-400, објавуваат турските медиуми. Според извештаите договорот е во вредност од 2,5 милијарди евра кој го потврдил и директорот на компанијата „Ростек“ Сергеј Чемезов.
Чемезов изјави дека Турција е првата членка на НАТО која купила систем С-400, најавувајќи дека испораката ќе почне во март 2020 година.
„Првите испораки ги планираме за март 2020 година. Единственото нешто што се чекаше беше одобрувањето на конечните документи, што се случи денес“, кажа Чемезов
Набавката на вакви системи предизвикува загриженост меѓу членките на НАТО, бидејќи тие системи не можат да се интегрираат во воената архитектура на Алијансата.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во септември оваа година изјави дека е потпишан договорот со Русија за купување на системот и оти веќе го уплатиле авансот.
Рускиот С-400 е најмодерниот руски систем за ракетна воздушна одбрана, кој е во служба од 2007 година. дизајниран е да уништува авиони, крстосувачки и балистички ракети, а може да се користи и против копнени мети. С-400 има дострел од 400 километри, а метите може да ги „лови“ и на висина од 30 километри.