Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска изјави дека се подготвени за отворен дијалог и дебата за да дојдат до конечни заеднички решенија, во врска со барањата ма Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) кои најавија дека на 17 јануари ќе одржат предупредувачки протест пред Владата.
„Имам состанок на 17 јануари со Синдикатот што се однесува на социјалната заштита при КСС. Треба да се разговара за сите аспекти, треба да се разгледаат колективните договори, специфично во социјалната заштита многу години не е разгледан овој колективен договор, и подготвени сме за отворен дијалог и дебата и да дојдеме до конечни заеднички решенија“, рече Царовска.
КСС најави протест со барање за усогласување на платите во јавниот сектор согласно зголемувањата на минималната плата, да почнат преговори за зголемување на платите во јавниот сектор и преговори за измена на Општиот колективни договор во јавниот сектор. Тие ја повикаа Владата најдоцна до 16 јануари да организира средба со синдикалните претставници со цел да се изнајдат заеднички решенија.