Руското министерство за одбрана соопшти во четвртокот дека двајца руски војници загинале во исламистички минофрлачки напад во Сирија на Нова година, а 10 војници биле повредени.
„Воздухопловната база Хмејмин пред вечерта од минофрлачки оган беше нападната од група бунтовници, при што загинаа двајца војници“, се наведува во соопштението на министерството.
Најмалку четири бомбардери од типот „Су-24“, два ловци „Су-35“ и еден транспортен авион „Ан-72“ биле уништени за време на гранатирањето изведено од сирските бунтовници, а уништен бил и магацинот за оружје и муниција, објави рускиот весник „Комерсант“, повикувајќи се на два воено-дипломатски извори.
Ова е најголемата загуба на борбена опрема за Русија од почетокот на воздушната кампања во Сирија во есента 2015 година.
Оваа информација подоцна беше демантирана од страна на руското воздухопловство.
„Руската авијација продолжува да ги извршува своите задачи во полн капацитет“, стои во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Претходно во средата руското министерство потврди дека еден хеликоптер од типот „Ми-24“ се срушил при слетувањето на 31-ви декември поради технички проблеми и во падот загинале двајцата пилоти.
Минатиот месец Русија започна со процесот на воспоставување на трајна присутност во базата Хмејмим и поморската база Тартус, иако претседателот на државата Владимир Путин нареди повлекување на руските воени сили од Сирија.