Министерството за правда во САД почна истрага за тоа дали Фондацијата Клинтон била вмешана во корупција или во други незаконски активности. Истрагата е почната во врска со тоа дали Фондацијата била вмешана во незаконско работење за време на мандатот на Хилари Клинтон како државна секретарка.
Според претставници на администрацијата, ФБИ се обидува да разјасни дали сопружниците Клинтон ветувале и обезбедувале политички отстапки во замена за добротворна работа и дали донаторите на фондацијата ветувале да влеваат пари во неа во замена за постигнување на одредени владини цели. Истрагата можеби ќе испитува и дали некои средства што се ослободени од плаќање данок се искористени за лични или за политички цели, како и дали фондацијата ги извршувала даночните обврски во согласност со законот.
Агенти на ФБИ почнаа истрагата од Литл Рок – главниот град на државата Арканзас – местото каде тргна политичката кариера на Бил и Хилари Клинтон и беше основана нивната фондација. Истрагата се очекува да продолжи и во наредните недели.