Македонија ќе биде дел од ракометниот спектакл, поточно Европското првенство во Хрватска каде одново многу работи за нас ќе зависат од играта на капитенот Кирил Лазаров.
Најдобриот македонски ракометар секогаш е оптимист, верува во својот и квалитетот на соиграчите, но притоа добро знае во каква незгодна група сме со Германија, Црна Гора и Словенија.
„Сакам да бидам оптимист, можеби понекогаш и малку нереален. Ние како репрезентација треба да бидеме скромни и да стоиме цврсто на земја. Едно можам да кажам, нема пред никого нема да се предадеме дури и против една Германија, меѓутоа сега да кажам дека ќе ги победиме Словенија, Германија, а потоа во вториот круг Данска, и Шпанија тоа би било нереално. Во однос на нашата група, ние имаме многу повеќе шанси со Германија и Црна Гора отколку против Словенија. Тие се исклучително незгодна репрезентација, неслучајно беа бронзени минатата година. Имаат 16 подеднакво квалитетни играчи и врвен тренер како Веселин Вујовиќ кој знае да ги мотивира да бидат храбри и дадат над 100% проценти од себе. Ќе видиме, не очекува тешка задача, нереално е да ветуваме нешто конкретно. Треба да ја завршиме нашата задача и да одиме меч по меч“, истакна нашиот капитен.
Лазаров истакна дека во иднина ракометот во напата земја ќе биде уште подобар.
„Ракометот мора да остане спорт број 1, тоа Македонија го заслужува. Луѓето неизмерно го пратат и сакаат ракометот, многу позитивни работи се направени во репрезентацијата и клубовите во последните години. Во нашата федерација го имаме вистинскиот човек, Живко Мукаетов, амбициозен кој од година во година сака се да биде уште подобро. Имаме многу ракометни школи и клубови кои сакаат да инвестираат, па затоа мораме да размилуваме и работиме на тоа да бидеме што подобри, а не да се плашиме дали ќе опстанеме на ова ниво. Имаме талент, направивме база, децата седат пред ТВ, имаат свои идоли. Имаме и европски шампион, тука е и Металург кој со години работи со млади играчи“, истакна нашиот ас во интервјуто за „Спорт Клуб“.
Целото интервју со Кирил Лазаров може да го прочитате на следниот линк.