Според географската положба, Македонија е дел од балканските нарко-рути преку кои што транзитира дрога кон западноевропските земји, а сега во последно време и во спротивен правец – кон земјите од Блискиот Исток, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Фактор. Во однос на обвинувањата од претседателот Ѓорге Иванов, кој во новогодишното ображање посочи дека со самото тоа што реформите од забелешките на Прибе од 2015 година досега не се исполнети, и дека ОТА ќе се формира во ноември 2018 година, остава простор за сомнеж дека сеуште системите може да се злоупотребуваат во институциите, Спасовски на Иванов му порачува дека кога сака да дадете конструктивна забелешка или критика потребно е малку повеќе да прочита и анализира, а не само напишан говор.
Фактор: За половина година се случија повеќе убиства. Дел добија и политичка конотација. Во случајот со убиениот Мартин Јанушев, убиецот сеуште не е пронајден иако се знае идентитетот на осомничениот за убиството. Потфрли ли МВР во овој случај, за кој опозицијата обвинува и дека се вмешани луѓе кои блиски на власта? Не е пронајден ниту убиецот на Дилавер Бојку и Исмет Арифи?
Спасовски: Не потфрли. Министерството за внатрешни работи веднаш ги презеде сите мерки кои се во негова надлежност, и во соработка со Јавното обвинителство спроведе дејствијa за расчистување на убиството на Јанушев. Кривичната пријава е поднесена против познат сторител за кој министерството обезбеди несоборливи докази. Се преземаат мерки за негово пронаоѓање, распишана е меѓународна потерница и МВР преку своите канали на полициска соработка ќе покаже резултати. Се работи и на расчистување на убиствата на Бојку и Арифи. Ако оценката за работата на министерството се дава врз основа на спектакуларни снимки од апсења, фингирани осомничени и бирократско расчистување на случаи, тоа е погрешно. Во полициската работа не смее да има политика, не смее да има сензација и не смее да има ПР. Тоа е работа на професионалци, за кои тежината на доказот е суштинска. Оперативната работа и истрагата се исклучително деликатни и сензитивни процеси, во кои постојат прецизни правила и процедури што мора да се почитуваат и применуваат. Да не заборавиме дека во министерството затекнавме состојба на груба партизација и постоење на спреги помеѓу поранешните раководни структури и криминалните групи. Во моментот течат неколку крупни реформски процеси, но во тек се и кадровски промени на оние позиции каде се лоцирани слабости и неповолни резултати. Министерството има капацитет да се справи со сите предизвици и многу брзо угледот ќе биде вратен, а граѓаните ќе имаат доверба во полицијата.
Фактор: Случајот со сопственикот на менувачницата, кој пукаше и ги уби двајцата разбојници, исто како случајот со дедото Љубе кој застрела еден од разбојниците кои се изживувале врз него и неговата сопруга во нивниот дом, го отвора прашањето, дали се потребни законски измени и во која насока за вакви случаи кога се работи за самоодбрана?
Спасовски: Во кривичниот законик е предвидено дека не е кривично дело дело кое е сторено во нужна одбрана или во крајна нужда. А се укажува и во кои случаи сторителот ќе се казни поблаго или ќе се ослободи од казна доколку постојат елементи на нужна одбрана или крајна нужда, но сепак се пречекорени границите на одбраната. Прибирањето и обезбедувањето на соодветни, цврсти докази е основата за докажувањето и во таа насока министерството постапува со особено внимание. Останува на судот да ја даде конечната оценка или пресуда за секој конкретен случај. Правото на живот е неприкосновено право, а правото на самоодбрана му припаѓа на секој кој не по своја вина ќе биде загрозен.
Фактор: Прво беше утврден магацин за производство на дрога, потоа следуваше и акција со 25 уапсени за трговија со дрога…Колку дрогата е распространета во земјава, и како МВР планира да се справи со овој проблем?
Спасовски: Справувањето со нарко-трговијата и уживањето на опојни дроги е проблем за што се подготвени посебни планови и акциите кои се превземаат се едни од главните приоритети за министерството. Со нашите активности на ова поле во изминативе неколку месеци, со неколкуте вредни заплени на дрога, како и со разбивањето на меѓународната криминална група која се занимавала со производство и дистрибуција на синтетички дроги – акција која според резултатите е досега најголема во европски рамки – покажавме дека имаме за цел уште повисоко да ги подигнеме стандардите и ефикасноста во сузбивањето на трговијата со дрога.
Ние, според географската положба, сме дел од балканските нарко-рути преку кои што транзитира дрога кон западноевропските земји, а сега во последно време и во спротивен правец – кон земјите од Блискиот Исток. До пред некоја година, полицијата имаше законска можност за евидентирање како на сторителите на кривични дела од областа на недозволената трговија со дрога, така и на уживатели откриени при полициските активности. Но од 2012 година полицијата, согласно законските измени, не води евиденција по однос на корисниците иако тогашната, последна бројка, се движеше околу 10.000 нарко-конзументи.
Фактор: Почнавте со ноќните акции во локалите, но во последно време не гледаме дека продолжувате со истата пракса. Се повлековте под притисок на јавноста?
Спасовски: Не се повлековме. Акциите се спроведуваат по претходна проценка и анализа. Инаку јавноста беше поделена за овие акции. Загрижените родители и совесните граѓани кои немаат што да кријат и ги почитуваат законите дадоа поддршка за акциите. Присуството на полицијата и припадниците на специјалната единица беше во случаи кога постоеше безбедносен ризик и тие беа таму да го обезбедуваат теренот и да им овозможат на инспекциските служби да си ја вршат својата работа. Секој еден кој свесно го прекршил законот и предизвикува штета на општеството и младината има причина да критикува и да се плаши од полицијата. Секој кој совесно и законски се однесува во полицијата може да гледа свој пријател.
Акциите не беа тенденциозни или насочени само кон определни објекти или сопственици, тие без исклучок се спроведуваа на територија на цела држава, а во некои места се повторуваа и неколку пати. Акциите ќе продолжат и понатаму.
Фактор: Во тек е вработување во МВР. Дали повторно ќе проработат врските за да се влезе во оваа институција?
Спасовски: Задоволувањето на поставените критериуми во огласот е единствениот начин да се помине селекцијата на конкурсот за полицајци. Ќе изградиме професионална и високомотивирана полиција. Место ќе има за сите кои сакаат чесно и одговорно да се справат со предизвиците во ова министерство, кои имаат знаење и капацитет да се носат со обврските. Оние другите кои сакаат да успеат со пријателски врски, познанства или клиентелискички пристап можат да си бараат нови работни места.
Фактор: Има информации дека и во МВР имало вработени со лажни дипломи. Дали има истрага во оваа насока?
Спасовски: Во министерството има проверки на разни полиња од досегашното функционирање на институцијата. Точно е дека дел од тие сознанија се однесуваат и околу таа – така да ја наречам соодветна стручна наобразба на вработени во Министерството. Ние како МВР веќе преземавме конкретни мерки против наши вработени кои се вработиле со фалсификувани дипломи и за тоа ја известивме и јавноста, а продолжуваме и натаму да работиме на овој проблем. Мислам дека скоро ќе заврши целиот тој процес на проверки, а потоа без никаква дилема ќе излеземе со конкретни информации во јавноста.
Фактор: Платите на вработените во МВР не е предвидено да се зголемат. Зошто не успеавте да издејствувате повисоки плати и дали сепак во рамките на постоечкиот буџет ќе најдете начин за тоа. Како тоа би се реализирало?
Спасовски: Затекнавме многу недомаќинско работење во министерството. Трошење со буџетски средства за лични задоволства, луксузни јадења, неконтролирано трошење. Задолжувања, склучувања договори со штетни последици. Синдикатот имаше разбирање за оваа ситуација. Решивме дека е добро што започнавме со набавка на униформа и опрема за полицијата. Со години полицајците одат во закрпени униформи и искинати чизми. Следен чекор е покачувањето на платите, не отстапувам од тоа, но и не сакам да дадам нереални ветувања. Но, покачување ќе има.
Фактор: Подобрување на условите во полициските станици. Колку пари се планирани за оваа намена и како планирате да го релизирате? Што е со униформите на полицијата. Колку пари се планирани за оваа намена, и како ќе се одвива реализацијата?
Спасовски: Веќе е распишан тендер за набавка на униформи кои полицијата не ги видела со години. А и како ќе ги види кога претходно раководство со државни средства се луксузирало. Приоритет за оваа година е подобрувањето на просторните услови во полициските станици. Поголемиот дел од полициските станици се во исклучително лоша состојба, условите се субстандардни. За неколку дена во употреба ќе го пуштиме Железничкиот граничен премин во Гевгелија, а потоа и објектите на полициските одделенија во Струга и Јегуновце, па ќе следува и објектот на управните служби во Куманово. Ова се плановите за првите два месеци. Но, во буџетот се обезбедени и средства за минимум десет објекти кои ќе бидат реновирани во текот на оваа година.
Фактор: Упатени се и обвинувања за рекетарство, односно дека едни агенции за обезбедување сега се заменуваат со други. Ако досега СГС важеше за агенција која беше блиска на претходната власт, сега се споменува Омерта и некои други агенции? Како ќе спречите да не се повтори истото сценарио за кое претходната власт беше остро критикувана?
Спасовски: Спрегата меѓу криминалците и полицијата е минато. Криминалците не ни се сојузници, тие се наши непријатели. Заврши времето кога се договараа нечесни зделки и семејни бизнис планови. Министерството целосно е во служба на граѓаните, оние чесните кои совесно го живеат животот и сакаат безбедно да живеат. Секој еден вработен или функционер кој на било каков начин ќе се поврзе со криминалните структури веднаш ќе биде санкциониран и отстранет од министерството. Службите се борат против криминалците надвор од МВР, но внимаваат и во своите редови да не се појави некој кој ќе застрани.
Фактор: Кога и на кој начин ќе почнат реформите во УБК?
Спасовски: Реформата на УБК значи реформа на безбедносно-разузнавачките служби, а тоа е витален сегмент од државата. Немаме утврдено строга временска рамка, но започнуваме. Всушност, со пакетот на закони за реформа на системот за следење на комуникациите веќе започнавме. Монополот кој го имаше УБК врз системите за следење на комуникациите веќе ќе го нема, се отстранува директниот пристап и нејзината посредничка улога.
За жал УБК се уште се соочува со последиците од негативните политички влијанија на претходното раководство, но добро е што кај вработените и сегашното раководство постои подготвеност УБК повторно да го врати својот углед на професионална и државна институција. Реформите ќе започнат со дебати во јавноста, околу потребата и начинот на реформирање, па потоа ќе се подготвуваат законски решенија. Оваа реформа ќе биде темелна и сеопфатна и не смееме да направиме никаков превид, затоа што станува збор за безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните.
Фактор: Велите нема незаконско прислушување, но од друга страна претседателот Ѓорге Иванов, посочи дека со самото тоа што реформите од забелешките на Прибе од 2015 година досега не се исполнети, и дека дури и ОТА ќе се формира во ноември 2018 година, остава простор за сомнеж дека сеуште системите може да се злоупотребуваат во институциите?
Спасовски: Кога сакате да дадете конструктивна забелешка или критика потребно е малку повеќе да прочитате и анализирате, а не само напишан говор. Првиот извештај на Прибе во 2015 година даде јасни забелешки што треба да се направи. И таму пишува дека треба да и се одземе посредничката улога на УБК. Тоа и се прави со новиот пакет на закони, особено со формирањето на Оперативно техничката агенција. ОТА ќе започне со остварување на својата техничка улога најдоцна до 1 ноември 2018 година. Законот вели најдоцна до, што значи дека може и порано. Сите чекори кои му претходат на почетокот на примената на новиот систем за следење на комуникациите се предвидени, со рокови и временска динамика во планот кој е доставен и до Иванов.
Што се однесува до сомнежот дали во моментов има злоупотреба на опремата за следење на комуникациите, одговорно тврдам: нема злоупотреба. Во УБК се превземени мерки за зајакнати внатрешни контроли, се вршат редовни проверки на системот и јас добивам редовни извештаи за тие контроли. Дополнително јас јавно повикав, а директорот на УБК испрати писмена покана до надзорните собраниски комисии дека се добредојдени во секое време да извршат надзор, контрола, увид во работењето на Управата. Кога сакаат, во кој состав и се што ќе побараат, а е согласно законот, ќе им биде дадено на располагање. Подготвени сме и да бидат ангажирани независни експерти кои ќе дојдат и ќе го проверат работењето на системот за следење на комуникациите. Ниту мене, ниту пак на било кој од раководството на УБК не ни паѓа на ум да направиме било каква злоупотреба, а уште помалку да создадеме организиран систем на масовна злоупотреба.
Фактор: Дали постојат сомнежи за прислушување од страна на други центри на моќ надвор од институциите?
Спасовски: Една од основните задачи на УБК е да се грижи за безбедноста на државата. И во таа насока службата превзема активности согласно информациите со кои располага и нејзината цел е било какви сомнежи кои се појавуваат многу брзо и ефикасно или да ги потврди или да ги елиминира. Македонија е земја која предизвикува интерес кај различни центри на моќ и токму затоа ефикасноста на службата е суштинска. Службата алармира за секоја опасност за загрозување на безбедноста на државата и веднаш се преземаат мерки за нејзино елиминирање.
Фактор: Запрепастувачки е податокот дека во една вечер од 272 контролирани лица, кај 102 е утврдено присуство на алкохол. Како МВР ќе се справувате со овој проблем? Дали се набавени новите дрегери, колку и за која сума?
Спасовски: Да, статистиката по однос на кршењето на сообраќајните прописи и сообраќајни несреќи ни малку не е задоволителна, дури би рекол таа е загрижувачка. Токму поради тоа ние во изминатиот период пристапивме и кон овој проблем со интенција за организационо и техничко подобрување на сообраќајниот сегмент од полициската работа. Прво драстично се зголемени обемот на работа и контроли, особено на подрачјето на главниот град, за што јавноста добива секојдневни известувања. И второ, ние до крајот на месецов ќе добиеме 80 нови дрегери со комплетна потрошна опрема, кои што ќе бидат распределени во соодветните организациони единици. За жал, една од многуте работи што и недостасува на полицијата беа и дрегерите за контрола на алкохол кај возачите. Ние не можевме така затекнатата состојба да ја пролонгираме, па затоа беше распишан тендер кој е завршен. Цената на чинење поединечно од дрегер но со сите пропратни елементи, како и со вкалкулирана обука на 66 сообраќајци е околу 55.000 денари. Исто така деновиве добивме и донација од пет дрегери, така што убеден сум дека многу скоро оваа набавка и ставање во функција на овие апарати ќе даде и соодветни позитивни резултати.
Фактор: Што ќе биде клучен приоритет на МВР во 2018 година?
Спасовски: Враќање на довербата на граѓаните и нашите партнери. Работењето на службите мора да се темели на одговорност, отчетност, професионалност и одлучност за борба против криминалот и корупцијата, пред се во МВР, а потоа и во општеството.
Извор: Фактор