Министерството за транспорт на Кина соопшти дека во територијалните води на Кина експлодира иранскиот танкер, кој претходно се судри со кинески брод.
Според официјалните претставници, спасувачките бродови кои бараат преживеани морале да се повлечат на безбедно растојание. Од 32 членови на екипажот, 30 Иранци и двајца од Бангладеш, пронајдено е само едно тело, соопшти министерството. На кинескиот товарен брод се наоѓале 22 Кинеза и сите се спасени.
Танкерот „Санчи“ со 136.000 тони лесна нафта се запали во саботата вечерта откако се судри со кинески товарен брод, на околу 300 километри од Шангај.
Портпаролката на иранската компанија претходно изјави дека спасувачите, најверојатно, ќе најдат преживеани и дека надеж им влева тоа што просторијата во која бил моторот не е зафатена од пожарот и се наоѓа околу 14 метри под вода.