Големите снежни врнежи заробија 13 илјади туристи во Зермат, еден од најпопуларните скијачки одморалишта во Швајцарија.
Снегот ги блокираше сите патишта и возот што води до одморалиштето во јужниот кантон на Швајцарија Вале, кој има проблеми и со снабдувањето со електрична енергија. Официјалните претставници објавија дека во моментов не е можно да се дојде до Зермат, но ниту да се замине бидејќи главниот пат е затворен.
Поради тоа, заробените туристи во ова туристичко место, во кое што живеат и 5.500 мештани, започнаа да се евакуираат со хеликоптери. Полициски службеник во Зермат соопштил дека биле префрлени меѓу 300 и 400 луѓе и дека евакуацијата продолжува.
Локалните службеници истакнуваат дека никој од туристите не е во опасност и дека ситуацијата е мирна. Се наведува дека многу улици се веќе исчистени, а кафулињата се отворени.
Скијањето и планинарењето во таа област се забранети, поради опасноста од лавини.