Со четири натпревари кои ќе се играат попладнево во Сплит и Пореч, ќе започне 13-то Европското првенство во ракомет. На шампионатот, на кој ќе учествуваат шеснаесет репрезентации, ќе настапи и селекцијата на Македонија, која своите натпревари во рамките на првата фаза ќе ги игра во Загреб, каде за ривали ќе ги има селекциите на: Словенија (13 јануари), Црна Гора (15 јануари) и европскиот првак Германија (17 јануари).
Селекциите се поделени во четири групи, од кои само најслабо пласираните нема да минат во главната фаза.
На програмата денеска се дуелите во А и Б конкуренција, а двојките се:
А група (Сплит): Шведска – Исланд (од 18:15 часот) и Хрватска – Србија (20:30 часот)
Б група (Пореч): Белорусија – Австрија (од 18:15 часот) и Франција – Норвешка (20:30 часот).
Средбите од 1.коло во Ц и Д групите на програмата се утре.
Ова за македонските ракометари е петто учество на „европскиот самит“. Првото учество беше во 1998 година во Италија, кога беше освоено 12-то место. На следниот шампионат на кој настапи Македонија го постигна најдобриот резултат и го освои 5.место во Србија 2012 година. Огромната поддршка од македонските навивачи придонесоа и за позитивните резултати. На шампионатот 2014 година во Данска, нашите ракометари го освоија 10.место, а пред две години во Полска се пласираа на 11.место.
Само три репрезентации имаат учество на сите 13 Европски првенства (Хрватска, Шпанија и Франција), Русија остана на 12 учества откако не успеа да избори пласман на ова првенство. Инаку, Хрватска е по вторпат домаќин (првпат беше во 2000 година).
Натпреварите ќе се играат во: Загреб (група Ц), Сплит (група А), Пореч (група Б) и Вараждин (група Д). Во втората фаза натпреварите ќе се играат во Загреб и во Вараждин, додека завршницата ќе се игра во „Арена Загреб“. Воедно оваа сала е најголема со капацитет од 15.200 места, „Спаладиум Арена“ во Сплит има капацитет од 10.931 место, „Вараждин Арена“ – 5.200, додека „Жатика Спорт Центар“ во Пореч собира 3.500 гледачи.
Натпреварите во А групата ќе се играат во Сплит, а во оваа група ќе играат: Хрватска, Србија, Исланд и Шведска.
Б групата се игра во Пореч, каде се наоѓаат селекциите на: Франција, Норвешка, Белорусија и Австрија.
Во Вараждин се играат натпреварите од Д групата, која ја сочинуваат: Шпанија, Чешка, Данска и Унгарија.
Трите првопласирани селекции од секоја група ќе продолжат во следната фаза, со тоа што резултатите од натпреварите со селекциите од истата група се „префрлаат“ во втората фаза.
Во втората фаза ќе „вкрстат“ репрезентациите од групите А и Б (ќе играат во Загреб) и од групите Ц и Д (ќе играат во Вараждин). Во следната фаза се играат уште три нови натпревари во групите (1 и 2), а двете првопласирани репрезентации од оваа фаза ќе играат во полуфиналето, а трето пласираните од групите 1 и 2 меѓу себе ќе играат натпревар за 5.место. Финалето се игра на 28 јануари во Загреб.
Ова е последно Европско првенство со 16 репрезентации бидејќи на следното 2020 година што ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска ќе играат 24 репрезентации.