Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со соопштение до јавноста обвинува дека судот е најдиректен и најодговорен учесник во се поголемиот раздор и продлабочување на кризата поттикната од катастрофалните политики на владата на СДСМ.
„Судот е директен соучесник во креирањето на недемократска атмосфера на страв, во која што Заев ќе може без опозиција да носи закони за двојазичност, да ја задолжува земјата или да ратификува договори со кои се брише историјата и македонскиот јазик“, пишуваат од партијата.
Оттаму додаваат дека „доколку судиите имаа интегритет, совест и свест ќе ги ослободеа сите неправедно притворени лица од 27-ми април. Одлуката на Апелацискиот суд да не ги прифати жалбите и Игор Дурловски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Митко Чавков да останат во Шутка, за ВМРО – ДПМНЕ е скандалозна и не се темели на факти и на докази.
„Дурловски, Јовановски, Дамовски, Илиевски, Божиновска, Чавков, Мукоски и останатите неправедно обвинети се жртви на политички прогон само заради храброста, гласно да го искажат своето несогласување“, се вели во соопштението.
Повисокиот суд во петокот одлучи да не прифати ниту една жалба на осомничените за упадот на 27 април. Во притвор остануваат и пратениците, Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов.