Раша Тудеј: Ако сакате стабилност на Балканот, вратете ја Југославија

Facebook
Twitter
Email
Print

Руската новинска мрежа Раша тудеј (РТ) објави интересен коментар на Нил Кларк, редовен аналитичар кој пишува и за низа британски медиуми, а во кој ги анализира актуелните тензии во регионот и како решение на проблемот нуди обнова на Југослација.

 

Имајќи предвид дека РТ го финансира руската држава и дека станува збор за медиумски проект чија задача е да ги промовира интересите на Владимир Путин, интересно е да се види како се толкува ситуацијата на Балканот.

 

Според Кларк, “сите проблеми во регионот произлегоа од насилната дезинтеграција на мултинационалната Југославија во 1990-тите“ од минатиот век, а овој процес беше поттикнат од западните земји со војната и злобните злосторства на Југославија, етничкото чистење, милиони бегалци и стотици илјади загинати во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово.

 

Кларк тврди дека “сите потенцијални кризи кои го загрозуваат регионот се директна последица на претходните мешања на Западот и Америка“. Истакнува дека „голем број луѓе во регионот се носталгични по Југославија“ и ја спомнува минатогодишната анкета на Галуп во која повеќето анкетирани од Србија, Црна Гора, БиХ и Македонија, како и 45 отсто од Словенија („најуспешната“ од сите републики излезени од Југославија), сметаат дека распаѓањето на Југославија било нешто лошо.

 

„Југославија им даде не само стабилност, но и економски просперитет на народите од Балканот. Имаше смисла во обединувањето на народите во федерална држава … Југославија постигна големи успеси во културата, спортот, уметноста, образованието и човековиот развој. Нејзиното уништување беше трагедија, не само за самата Југославија, но и за целото човештво“, пишува тој.

 

Во анализата се заклучува дека сега наместо „силна југословенска држава имаме низа мали, економски слаби држави на Балканот“, дека тоа им одговара на „империјалните тежнеења на САД“, и дека „единствениот начин проблемите на Балканот да се решат е враќање во минатото“. Се предлага „постепена реконструкција на југословенската федерација“, која со Албанија „би потпишала договор за пријателство“, а можеби и би ѝ понудила приклучување.

 

„Југославија имаше смисла во 20 век, а има смисла и денес“, додава Кларк.

 

Во текстот сепак никаде не се соопштува дека неколку поранешни југословенски републики веќе се дел од ЕУ, други преговараат за членство, а некои пак чекаат датум за започнување на разговорите за пристап. Покрај тоа, Словенија, Хрватска и Црна Гора се дел од НАТО, а Македонија се надева дека ќе добие покана ова лето. Србија, од своја страна, сега цврсто се противи на членството во Северноатлантскиот сојуз.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи