Ристовски: Да уживаме во победата и да ја дочекаме Германија што е можно поспремни

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонија вечерва го нанижа и вториот триумф на Европското првенство во Хрватска, откако во вториот натпревар ја победи Црна Гора 28:29 (16:15 на полувремето).

 

Со овој триумф нашите репрезентативци се искачија на првото место во групата Ц, откако Германија ремизираше со Словенија.

 

После млитавото прво полувреме во кое примивме 16 голови, во вториот дел повторно нова Македонија на теренот. Советите на Гонзалез на полувремето повторно вродија со плод, а внесувањето на Филип Кузманоски во игра се чини беше главното оружје во нападот.

 

Младиот џин натпреварот го заврши со 5 погодоци, сите во вториот дел и не го криеше задоволството од своето одлично издание и и оправдувањето на довербата која што ја доби од селекторот.

 

„Честитки за фер и коректната игра од страна на Црна Гора и мислам дека првото полувреме почнавме исто како со Словенија, но мислам дека на полувреме ги поправивме тие грешки и се договоривме како да изиграме во одбраната и паметно во нападот“, рече Филип Кузмановски и додаде дека  целиот меч примал инструкции од Борко Ристовски бидејќи тој е постар од него и тој го почитува неговиот збор.

 

Ристовски пак изјави дека очекувале тежок натпревар и оваа победа е огромен резултат за нашата репрезентација.

 

„Прв пат во историјата стартуваме со два бода ако ја завршиме вака групната фаза. Притисокот го направи своето, но одигравме добро. Во еден момент го имавме натпреварот во свои раце, но имаме резерви сите,  воопшто не е важно кој и како играл, важно дека репрезентацијата победува. Важно е дека собираме победи и бодови и треба сите заедно да се радуваме. Дозволете да уживаме во втората по ред победа и да ја дочекаме Германија што е можно поспремни“, рече Борко.

 

Огромен мотив за нив е многубројната македонска публика, фалангата, која од трибините во Хрватска ги бодри нашите ракометни херои.

 

„Луѓето дојдоа тука, буквално ни ја даваат цела поддршка што можат да ни ја дадат. Без нив ќе беше многу потешко, им благодарам. Заедно навивавме, заедно се бодревме. Кога не ни одеше тие ни помогнаа да се вратиме. Конечно сме една симпатична репрезентација во која сите даваме свој придонес. Со новиот селектор коцките се редат полека, полека. Сè уште е рано, ова е само почеток на ЕП. Не сме сите во топ-форма, но важно е да победуваме, да се радуваме и да уживаме со публиката и цела Македонија која ни дава поддршка“, рече Ристовски.

 

Македонија е единстевна со максимален учинок во групата, а во наредното коло кое е закажано за два дена ќе се соочи со Германија, во битка за првото место и бодови кои се пренесуваат во наредната рунда.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи