Македонските ракометари вечерва во Загреб го играат второто коло од првата фаза на Европското ракометно првенство против Црна Гора.
Во саботата, нашите ракометари ја победија Словенија, а со евентуален триумф вечерва ќе се обезбеди пласман во втората фаза. Победа вечерва ќе значи и пренесување на најмалку два бода во следната група, што ќе значи и зголемување на шансите за висок пласман.
Македонија во овој натрпевар влегува како фаворит, а селекторот Раул Гоназлез предупредува да не се потценува противникот, кој во првиот натпревар убедливо загуби од Германија.
Капитенот на македонската репрезентација и еден од најдобрите светски ракометари, пред почетокот на ЕП изјави дека Црна Гора може да биде „нагазна мина“, а сега уште еднаш напомена дека не смее да има опуштање.
„Мора да бидеме многу внимателни. Вечерва не очекува максимално сериозен испит. Свесни сме дека не смееме да допуштиме да проработи македонскиот менталитет, па после една добра партија да следи опуштање и пад на формата. Мораме да ја повториме добрата игра од дуелот со Словенија и да ги поправиме оние работи кои не беа добри“, порача Лазаров.
Гоце Георгиевски пак вели дека Црна Гора игра тотално различна одбрана, поради што за неа се подготвуваат на поинаков начин и тие се противник кој не смее да се потцени, иако загубија убедливо против Германија.
„Она што го видовме од Црна Гора, играат поинаква одбрана, некоја подлабока зона 3-3, па се враќаат, една тотално различна одбрана, затоа се подготвуваме на друг начин. Имаат добри бекови кои шутираат од дистанца, така што нема да биде лесно. Јас мислам дека најголема грешка ќе биде ако ја потцениме Црна Гора. Ова е Европско првенство и никоја репрезентација не треба да се потцени, особено не Црногорците против кои сме играле и ги познаваме. Пак ќе речам, против Германија како да се откажаа откако Германците водеа 5-6 разлика. Никако да ги потцениме, зашто ќе биде тежок меч, можеби и потежок од вчерашниот“, истакна Георгиевски.
Натпреварот се игра вечерва од 20 часот и 30 минути, додека другите две селекции од нашата Ц-група, Словенија и Германија ќе играат од 18:15 часот. Покрај овие два натпревари се играат и натпреварите од група Д, односно Унгарија-Шпанија од 18:15 часот и Чешка-Данска од 20:30 часот.
Резултати од вчерашните натпревари:
Австрија-Франција 26:33
Србија-Шведска 25:30
Исланд-Хрватска 22:29
Норвешка-Белорусија 33:28