Судскиот процес против ексначалникот на Петтата управа Горан Грујевски и соработникот од УБК Никола Бошкоски за фалсификуваните патни исправи со кои ги фати грчката полиција во Солун, ќе биде даден во надлежност на македонските судови.
Но и покрај тоа, Грујевски и Бошкоски нема да бидат екстрадирани во Македонија пред март годинава, велат извори од Министерството за правда, а така пресметуваат и во Основниот суд Скопје 1, каде во среда треба да почне судскиот процес „Тврдина-Таргет“ на СЈО.
Во „Тврдина-Таргет“, предмет за масовното незаконско прислушување и брутално кршење на човековите слободи и права од страна на УБК, покрај Грујевски и Бошкоски, обвинети се и ексдиректорот на Управата Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на Мијалков и вработените во УБК: Владимир Варелов, од кого избеганиот Горан Грујевски го позајми идентитетот за да избега од Македонија, Маријан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исаковски, Валентина Симоновска и Надица Николиќ.