Македонија годинава ќе добие нови 80 километри гасовод

Facebook
Twitter
Email
Print

Менаџментот на државната компанија „Македонски енергетски ресурси“ најави изградба на дури 80 километри магистрални гасоводи во 2018-та, а за тоа веќе се обезбедени 40 милиони евра.

 

Велат дека имаат доволно средства, вкупно пет милиони евра за надминување на проблемите поврзани со имотно- правните односи, односно експропријацијата на парцелите преку кои што треба да минуваат трасите на трите магистрални гасоводи: Штип- Неготино, Неготино-Битола и Скопје- Гостивар, со крак за Тетово. Има доволно пари и за исплата на ангажираните домашни компании, предводени од „Рапид билд“ и од „Гранит“, кои што ги градат гасоводите, како и за можностите за интерконекција со Грција и Бугарија.

 

„Гасификацијата е врвен приоритет на Владата и ќе продолжиме интензивно да работиме да обезбедиме цевки со гас до секоја општина. На одредени траси имаме проблеми со експропријацијата, но се работи на терен и верувам дека во следниот период ќе ги надминеме сите вакви ситуации за да можеме ефикасно да продолжиме со изградбата. Интензивно работиме на разрешување на имотно правните работи за експропријацијата и на двете делници и тоа делницата Неготино – Битола која очекуваме да биде завршена во 2020 година, како и на делницата Скопје-Тетово-Гостивар која очекуваме да биде готова крајот на 2019 година“, вели Сугарески.

 

Директорот Благојче Котевски, пак, рече дека интензивно преговараат со градоначалниците на сите општини каде што поминува националната гасификациска мрежа за и тие навремено да ја изградат секундарната мрежа. Општините се задолжени за локалните гасоводни дистрибутивни мрежи и на располагање имаат еден од трите модели. Да формираат јавно претпријатие, јавно-приватно партнерство или пак, да задолжат приватна компанија за таа цел.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи