Фридом хаус: Македонија е „делумно слободна“ земја – треба да се следи оваа година

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонија останува држава со делумна слобода во најновиот извештај за слободата во светот за 2018 година на Фридом Хаус, со забелешка дека случувањата во земјава оваа година треба да се следат.

 

Според Фридом Хаус, новата избрана, етнички инклузивна Влада на Македонија, настојува да ги искорени корупцијата и другите системски злоупотреби, направени во време на претходната власт, и дури може да го реши спорот за името со Грција, што го попречи патот на земјата кон членството во Европската унија.

 

Во извештајот за слободата во светот во 2018 година проценката е дека Македонија е делумно слободна држава. Македонија е оценувана од 1998 година и оттогаш има статус „делумно слободна“. Овие години поените варираат од 3 до 4 на скалата од 7 поени. Годинашната оценка ја дели со државите од регионот како: Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Соседите Бугарија и Србија, заедно со Хрватска, се оценети како слободни држави. Како неслободна држава во наша близина е наведена Турција.

 

„Во Македонија, посредништвото од Вашингтон и Брисел помогна да се разреши долгогодишната политичка криза, отворајќи пат за новата демократски избрана влада. Но, во Србија толеранцијата на европските лидери кон премиерот Александар Вучиќ и неговите авторитарни тенденции му овозможија да ја придуши опозицијата и да ги погази oстатоците на независни медиуми откако победи на претседателските избори во април“, е наведено во извештајот на „Фридом Хаус“.

 

Извештајот, кој ги опфаќа политичките права и граѓански слободи, нотира дека демократијата е загрозена, особено по ерозија на американските демократски стандарди со забрзано темпо.

 

„Демократијата се соочува со најсериозна криза изминативе децении, основните демократски принципи, вкулучувајќи гарантирање на слободни и фер избори, права на малцинствата, слобода на печат и владеење на право се во ризик секаде во светот““, изјави Мајкл Абрамович, претседател на Фридом Хаус.

 

Во извештајот се констатира дека демократските вредности, особено правото за слободни и фер избори, слободата на медиумите и владеењето на правото, се под закана низ целиот свет, а според авторите Русија и Кина активно го шират своето антидемократско и автократско влијание во светот.

 

 

Од вкупно 195 држави, 49 се не слободни, 58 се делумно слободни и 88 слободни. Меѓу неслободните држави, 12 имаат помалку од 10 поени на скала од 100 поени при рангирањето на политичките права и граѓанските слободи. Финска, Норвешка и Шведска се наоѓаат на првите три места, со перфектен скоро 100, како најслободни земји на рангирањето, додека Јужен Судан, Тибет и Сирија се на последните три места – Сирија дури со негативен рејтинг од -1.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи