Бајката продолжува, реми против европскиот шампион за прво место!

Facebook
Twitter
Email
Print

Македонската ракометна репрезентација одигра уште еден фантастичен натпревар и со реми против европскиот шампион Германија како првопласирана селекција оди во втората фаза од првенството.

 

Македонија во секој сегмент од играта и во сите 60 минути феноменално му парираше на актуелниот европски шампион.

 

На крајот, мечот заврши со конечни 25:25, со тоа што неверојатен зицер на 15 секунди пред крајот имаше Столе Стоилов кој не успеа да го совлада Хајневетер. Германците со ова го добија последниот напад, но истиот не завшри со директен шут и на крајот натпреварот заврши со 25:25, резултат кој значително повеќе оди во прилог на нашата селекција.

 

Селекторот на македонската ракометна репрезентација Раул Гонзалез изјави дека е горд на сите момци за тоа како ги одиграа во трите меча во групата на Европското првенство во Хрватска и освојувањето на првото место во истата.

 

„Многу сум задоволен и среќен. Одигравме одличен меч. Направивме многу грешки, но така е кога се игра под притисок. Имавме притисок зошто сакавме да бидеме први во групата. Нема што да кажам повеќе, се е супер. Денеска треба да уживаме. Имаме три бода во втората фаза, но одиме чекор по чекор. Јас сум горд на овие момци како играа и како се бореа“, рече Раул.

 

Најефикасен беше Филип Талески со шест постигнати голови, Манасков и Лазаров реализираа по пет пати, а одлично одиграа пикерите Столиов и Пешевски. Одлична партија имаше и Борко Ристовски со 12 одбрани.

 

Македонија како првопласирана екипа од групата Ц ќе патува во главната фаза во Вараждин, а добра вест е тоа што ќе носи и три бода пред пресметките со Шпанија, Чешка и Данска. Од друга страна пак, Германија ќе понесе два бода во оваа фаза, а последниот патник од нашата група ќе се дознае по вечерашната пресметка меѓу Словенија и Црна Гора.

 

Во вечерашниов меч победа на Данска над Шпанија ќе значи дека сите три селекции од таа група ќе стартуваат со по два бода. Македонија со три поени би била лидер, а бидејќи имаме време да одмораме до недела (тогаш е првиот меч), слободно може со сите сили да удриме на првиот противник, кој и да е…

 

Ова значи историска шанса за Македонија, за која досега немаше притисок, но по овие три прекрасни партии во Загреб, веќе сериозно се наметнува за репрезентација на која треба да се смета за висок пласман.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи