Организацијата „Хјуман рајтс воч“ го објави годишниот извештај за 2018-та година, кој ја забележува ситуацијата со човековите права во повеќе од 90 држави.
Извештајот ги повикува политичките лидери да се борат против, како што ги нарекува организацијата, „диктаторските популистички агенди“.
„Изминатава година ја покажа потребата од потиснување на заканата, наметната од демагозите и нивните деструктивни политики“, вели Кенет Рот, извршен директор на „Хјуман рајтс воч“.
Рот ги обвинува диктаторските популисти за нивните настојувања „да ја заменат демократски избраната влада, каде владее правото и се почитуваат човековите права, со сопствена интерпретација, во нивна корист, за тоа што сака мнозинството.
Во извештајот, Франција се посочува како успешен пример за борба против популисти, каде претседателот Емануел Макрон водеше либерална, проевропска кампања против крајната десница „Национален фронт“ на Марин Ле Пен.
Извештајот, сепак, покажува и загриженост за првите месеци на неговата функција, поради неговите контратерористички политики и посетата на Кина.
„Хјуман рајтс воч“ го обвинува и претседателот Доналд Трамп за промовирање антиимигрантска политика и расна поделеност, но, истакнува оти граѓанските групи, новинари, адвокати и судии се спротивставиле на ваквите политики.
Организацијата ја пофали Европската унија за реагирање против „дикаторските популистички влади“ на Унгарија и Полска.