Во овој момент ние правиме историја, нашата општествена одговорност е голема во делот на младите категории, бројот на млади членови во Победа е над 200. Можеби еден од нив ќе биде ѕвезда и ќе ја претставува Македонија утре надвор од нашите граници, но многу важен факт е тој што младите ќе бидат згрижени и верувам дека со голема љубов и волја ќе бидат фокусирани на тренинзите. Ова вечерва на првата своја прес конференција го истакна новиот в.д. извршен директор на „Победа“, Ирека Јакимоска.
„Нажалост она што под итно треба да се исчисти е да се извади инкорпорираноста на политиката од фудбалскиот клуб. Доколку ние сакаме да имаме спорт не само во Победа и Прилеп туку и во цела држава мора инволвираноста на политиката во сите сегменти од нашите животи под итно да се исклучи. Причината за тоа не се самите политичари. Ние правиме фетиш од нив, ние не зборуваме за спортот и убавината на фудбалот туку за политичарите и нивната инкорпорираност. Конечно мислам дека сме на прав пат некој да го води клубот не за цели на некоја партија, не за лични интереси туку за интересите на Победа. Ние имавме дефинирано одреден буџет кој што беше произлезен од најголемиот учесник во тој буџет, а тоа беше локалната самоуправа, врз основа на одлуката донесена на Општина Прилеп. Но знаете дека имавме година на избори, настана промена на политичката структура на локалната самоуправа и поголема сума на средства не беа пласирани од тој буџет. Всушност долгот на„Победа“ е еднаков на сумата која што требаше да биде платена од Општината. Но, на наше огромно задоволство сегашната локална самоуправа несебично ќе го поддржи клубот и можеби тоа беше иницијалната каписла за да јас ја прифатам оваа функција за да можам да направам нешто добро за клубот. Долгот во овој момент изнесува 6 милиони денари, за истиот веќе се разгледуваат ставките и ќе преговараме со доверителите на начин на исплата кој што ќе го вкалкулираме во буџетот“, истакна Јакимоска.
Инаку основачи на акционерското друштво „Победа“ се : Сашо Самарџиоски или Прилепска Пиварница, Ирена Јакимоска и Андру Брус или основачите на Комфи Ангел, Ѓорѓија Атанасоски со компанијата ТВ Сонце, Горан Хаџиристески со Кабелнет и Гоце Ингилизов.
„Овие основачи го иницираа продолжувањето на онаа Победа која што беше основана од Ацуле, но се договривме во интерес на клубот и фудбалската популација во Прилеп да вложиме напори да ги надоместите претходните средства и да ја продолжиме работата на Победа. Се до вчера претседател на клубот беше Гоце Ингилизов и мора да му се заблагодариме за напорот и сите активности кои гии превзеде во овој временски период и самите дела покажуваат за неговата актиивност и работа. Имено денеска клубот е на 7 позиција во прва лига, од втора лига успеавме да го доведеме клубот во прва лига. Секогаш може повеќе и подобро. Јас ветувам дека ќе го поставам клубот на едно ново ниво, на постулати кои што според мене би биле попрофесионални и фокусот би бил на младите категории. Често пати слушам дека голема чест и задоволство е да се носи дресот на Победа, верувам дека тоа е така и верувам дека не само да е задоволство туку и голема обврска да се носи тој дрес. Затоа залагањата на секој поедиинец кој учествува во клубот треба да бидат максимални, не за лични иинтереси, туку пред и се за клуб кој ќе се врати во вистински сјај и ќе биде гордост на нашиот град. Овој град заслужува да имаме клуб во првата лига“, додаде Јакимоска.
Небојша Стојковиќ, иден претседател на Победа
Идниот претседател на Победа Небојша Стојковиќ изјави дека бизнис секторот во Прилеп е од голема важност за опстанокот на Победа.
„Сакам да нагласам дека важноста на бизнис секторот во Прилеп, како што се Комфи Ангел, Прилепска пивара, Кабелнет, Жито Прилеп, Витаминка и Мермерен комбинат се од голема важност за прилепскиот фудбал. Без нивната поддршка фудбал во Прилеп можеби нема да постои. Што се однесува до моменталната состојба во клубот, мислам дека сме малку хендикепирани со тоа што неколку играчи ни заминаа, меѓутоа водиме преговори со 4 нови играчи, со кои ќе бидеме конкуренти со некаде 80% од екипите во Македонија“, рече Небојша.
Јане Николоски, спортски директор на клубот
Спортскиот директор на „Победа“, Јане Николоски рече дека му претставува особена чест и задоволство што после долго време се враќа во својот матичен клуб, со една функција која побарува огромна работа и огромно пожртвување.
„Мислам дека со моето искуство како фудбалер можам многу да помогнам на оваа функција. Победа е клуб со традиција, клуб кој заслужува да биди многу подобро пласиран од она кај што е сега моментално. Ние ќе се потрудиме да го оствариме тоа во најкраток можен период. Околу играчкиот кадар, сигурно ќе доведеме вистински засилувања кои што ќе го подигнат квалитетот на нашата игра и дека победа во втората полусезона ќе биде рамо до рамо со најквалитетните екипи во Првата македонска фудбалска лига. Сигурно дека овие нови луѓе кои што дојдоа во Победа имаат свои приоритети и свои примарни цели, а тоа е стабилизација на фудбалскиот клуб Победа. Ние ќе се потрудиме оние работи кои што функционираа добро во клубот да продолжиме да ги работиме на ист начин, а можеби и подобро, а оние работи кои помалку добро функционирале да ги доведеме до совршенство или да грешиме што помалку. Се надевам дека комплетниот играчки кадар ќе го имаме во најскоро време. Во наредните 4-5 дена ќе бидеме комплетирани и шефот на стручниот штаб ќе има на располагање комплетна екипа, која што ќе можи да ја среди за пролетниот дел од првенството“, рече Николоски.
Славољуб Бубања, шеф на стручен штаб
Шефот на стручниот штаб Славољуб Бубања потенцираше дека му е големо задоволство што е дел од Победа
„Јас дојдов во 8. Коло и имав два месеци да ја запознам екипата и сигурно она 7 место не ме задоволува. Јас реков дека сакам Победа, со одредени засилувања, да може рамноправно да игра и да се надигрува со Шкендија во Тетово, или со Вардар во Скопје. Во овој преоден рок изгубивме 6-7 стандардни играчи, кои го напуштија клубот. Но сакам да кажам дека и оваа екипа што остана има карактер и затоа и останав во Победа. Сигурно дека ми е жал што одредени играчи си заминаа, но тоа е фудбалот, така функционира. Никогаш не сум бил „алиби“ тренер, не дојдов да ви кажам дека ќе биде тешко или нешто слично, не. Оваа екипа и понатаму може да ги исполни барањата на новата управа. Најважно е што започнавме со работа и овие последни десет дена ги одработивме со екипата, со играчите од Прилеп, со кои имавме 20 тренинзи. За новите играчи, сигурен сум дека нема да бидат почетници, почетници нас не ни требаат и јас нема да дозволам ниту еден нов играч да биде почетник. Се надевам дека нема да погрешиме и дека кон новите појачувања ќе одиме со цел и ако успееме да донесеме прави појачувања тогаш Победа ќе добие добар тим. Бидејќи ако донесеме 5-6 почетници, а да не се подобри нивото на игра, јас тоа нема да го дозволам. Комбинациите кој, како и поради што се дојдени тука, тоа мене не ме интересира. Мене ме интересираат играчите кои ќе до дадат своето срце на терен“, рече Бубања.
Тој истакна дека како тренер живеел во 24 градови и никаде не доживеал да некој повеќе го сака фудбалот од Прилеп. Според него Победа мора да биде секогаш на врвот на македонскиот фудбал. Така што во наредните неколку месеци мора сите да бидеме заедно, од граѓаните, па се до сите во клубот.
„Она што уште можам да кажам е дека дефинитивно управата донесе одлука да се оди на припреми, играчите да бидат приоритет и кога еден играч е задоволен, тогаш сигурно тој може да го даде својот максимум. Веќе имаме испланирано се што се однесува до утакмиците. Денес игравме со Ренова и изгубивме 1:0. Дефинитивно не беше добро, иако е пријателска утакмица. Не сум од оние тренери кои бараат противници само за да победат и да им кажат во управата дека победиле. Јас не сум таков. Јас барав и од луѓето кои ги закажуваат утакмиците тие да бидат со што е можно појаки противници. Во овој момент знаеме што можеме и не можеме да погрешиме околу појачувањата. Морам да потенцирам, младите играчи кои играа денес ми дадоа за право да кажам дека постојат играчи во Победа кои можеби се и бисери на македонскиот фудбал и се надевам дека ќе ги усмериме во прав правец, како Победа би добила репрезентативци како Несторовски. Така што прво би форсирал млади играчи од Прилеп, отколку млади играчи кои не би биле прави појачувања. Битна е една цел, да бидеме сите заедно. Искрено јас сум горд што ја водам Победа. Многу луѓе ме прашуваат како се одвиваат работите со Победа, бидејќи знаат дека Победа е голем клуб и беше втор-трет клуб по гледаност. Се надевам дека тоа ќе се вратати повторно, а единствен начин тоа да се врати е играчите да се докажат, за и ако дојдат 200 гледачи, тие 200 да пренесат и на други 300 како игра Победа и на тој начин да ја привлечеме публиката. Се надевам и сигурен сум дека управата ќе ни помогне на сите нас и на играчите, дека ќе биде еден огромен сервис. Би сакал да не играме надвор од Прилеп. Знам дека управата ќе направи се, да останеме и да играме во Прилеп додека се направи стадионот, а потоа сигурно е дека Победа ќе оди само према Европа. Победа мора, може и ќе биде Европска екипа“, истакна Бубања.
Бубања додаде дека на Победа и недостасуваат играчи и квалитет.
„Ако успееме да ги донесе правите засилувања во наредните 7 дена, реално нема да се бориме за опстанок. Мора да се истакне дека парите не се се во фудбалот, за да се игра на ниво како Шкендија и Вардар. Реално да не направевме неколку непотребни киксови, сега ќе можевме да се бориме и за излез во Европа. Европа е единствениот начин екипата да се крени на едно многу повисоко ниво. Јас водев екипа во Црна Гора која играше три пати во Европа, а имаше можеби и најмал буџет во Црна Гора. Денес фудбалот е бизнис, со пласирање во квалификациите на Лига на шампиони се добиваат и милион евра. Затоа со прави појачувања, кои ќе донесат квалитет, кои ќе овозможат децата да напредуваат, од школата на Победа да дојдат играчи и да го превземат приматот, може да се стигне до одредена цел. Денес во Победа играат 90% прилепчани. Морам да бидам искрен и да кажам дека има играчи кои долг период се тука и нивното време полека одминува. Исто така, има играчи кои немаат ни одиграни ни 2-3 утакмици. Значи тоа е една реалност од која не можи да бегаме. И тешко е од тоа да се направи квалитет. Денес децата покажаа дека мора озбилно да се рачуна на нив, но се знае дека само со деца не може да се стигне далеку. Мора да се оди постепено, со многу осцилации и со комбинација на искуство и младост да се излези на правиот пат“, кажа Бубања.