Екипата на Леганес направи вистински историски подвиг елиминирајќи го Реал Мадрид во четвртфиналето од Кралскиот Куп и тоа со победа на „Сантијаго Бернабеу“ од 1:2.
Оваа сезона резултатите на актуелниот шампион на Европа се под сите нивоа. Во првенството практично веќе ги загубија шансите со заостанувањето од 19 поени зад лидерот Барселона, а после елиминацијата и од купот медиумите повторно го актуелизираа прашањето за отказ на Зидан.
Сепак Серхио Рамос и покрај слабите резултати не сака промени и се уште ја дава својата поддршка на Зинедин Зидан.
„Не би сакал промени во клубот. Елиминацијата во купот е голем неуспех за нас и постојат многу прашања на кои мора да одговориме, но играчите ќе застанат во одбрана на Зидан. Поминуваме низ тежок период, но мора да останеме заедно“, вели Шпанецот.
Леганес инаку ја игра својата втора сезона во елитата во Шпанија, а клубот постои веќе 90 години.