Кризата во Реал Мадрид ќе мора да се надмине со солидна сума од 300 милиони евра за летни трансфери, објави „Марка“ во својот водечки материјал денес.
Реал Мадрид има разочарувачка сезона, заостанува 19 бода зад лидерот Барселона, а оваа недела доживеа и шокантна елиминација од Копа дел Реј, што уште повеќе ги зголемува гласините за реконструкција на тимот.
„Белите“ не направиле голема аквизиција од 2014 година, кога за Хамес Родригез беа дадени 80 милиони евра. Во врска со ова, тие ќе можат да го „одврзат ќесето“, нешто што навивачите и тоа како го очекуваат.
Според официјалните податоци за 2017 година, клубот има суфицит од 178 милиони евра, а Флорентино Перез нема друг избор освен да направи револуција на пазарот за трансфери.
Најактуелното име за привлекување на „Сантијаго Бернабеу“ е тоа на Нејмар, во кого се гледа замената за Роналдо и за кого сигурно би се одвоила страшна сума на пари. Голема желба на „кралевите“ се и двете големи ѕвезди од Премиер лигата, Еден Азар и Хари Кејн чија вредност исто така е проценета на околу 200 милиони евра. „Марка“ пренесува дека на трансфер списокот на Реал се уште и Давид де Геа и Роберт Левандовски, но и Алваро Одриосола од Реал Сосиедад.
300 millones en caja para volver a ilusionar: El Madrid no tendría problemas de liquidez para renovarse https://t.co/iVxFYo5YE7 pic.twitter.com/0LFy516bzJ
— MARCA (@marca) January 26, 2018
Буџетот од 300 милиони евра дополнително ќе се зголеми со продажба на играчи како Бејл и Бензема, а големи се шансите и Роналдо да биде продаден, што значително ќе ги зголеми средствата кои ќе бидат на располагање за купување на новите ѕвезди.