Интеграциите на Македонија во ЕУ и реформските процеси биле во фокусот на разговорите помеѓу претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и еврокомесарот Јоханес Хан, кои остварија средба во рамките на работната посета на опозициската делегација во Брисел.
По средбата со еврокомесарот Јоханес Хан, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека е потребно да се изнајде консензус и да се дојде до крајот на решвање на спорот помеѓу Македонија и Грција.
„Со еврокомесарот Хан говоревме за реформите и реформските процеси кои што би требале да се случат во Република Македонија но за жал нивното случување заостанува. Сето тоа некако претставува една добро слово на хартија на имплементацијата. Не можеме да ја почуствуваме и не се случува. Злоупотребата на моќта од страна на Владата предводена од Социјалдемократскиот Сојуз, лошите економски потези, лошите реформи во економијата, уназадувањето на економијата. Исто така гледаме дека ништо не се случува од аспект на реформите во судството и судскиот систем. Со еден збор кажано асолутно го понудивме сиот наш човечки и административен потенцијал како ВМРО-ДПМНЕ за да можеме да допринесеме и да дадеме вредност на она што се вели што е можна побрза интеграција на Република Македонија во рамките на Европската Унија“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ го запознала еврокомесарот со содржината на средбата што ја остварија пред некој ден во Клубот на пратениците со владините претставници и претседателот Иванов.
„На самиот состанок како што рековме, за нас беше од информативен карактер, конечно дознавме за што станува збор. Го видовме предлогот кој што господинот Нимиц го има доставено до преговарачите, кој што повеќе или помалку и е познат на јавноста. Но исто така потенциравме дека остануваме на патеката за што е можно побрзо интегрирање на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО.
Истовремено потенциравме дека ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на заштита на државните и национални интереси. Со жалење може исто така да констатираме од она што можеме да го прочитаме деновиве по медиумите, дека за решавање на овој долгогодишен спор помеѓу нашата земја Република Македонија и соседна Република Грција. Сè уште во општеството и помеѓу политичките конкуренти во соседна Република Грција не постои консензус“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека во Грција и кај политичките конкуренти во земјата не постои консензус за прашањето за името, па отттука апелира што побргу да биде пронајдено решение за долгогодишниот спор.