Најелитното фудбалско натпреварување во Европа, Лигата на шампионите (ЛШ) се враќа на програмата со осминафиналните дуели.
И додека сите ги очекуваат двата мегаспектакли, утрешниот на Реал Мадрид со Пари Сен Жермен и тој идната недела помеќи Челси и Барселона, вечерва (20.45 часот), два англиски премиерлигаши Манчестер сити и Тотнем имаат гостински предизвици, од кои барем на хартија за „граѓаните“ е полесен предизвикот со дуелот кај Базел, во однос на лондончани кои се соочуваат со најтрофејниот италијански клуб и двоен европски првак Јувентус, инаку лански финалист.
Манчестер сити има неверојатна сезона, предводен од Пеп Гвардиола, па рекордите во Премиерлигата овој тим почна како од шала да ги урива, а на добар пат е да стане и рекордно најбрз шампион на Островот. Сити без поголем проблем ја мина и групната фаза, но сега ќе го имаа првиот поголем предизвик против Базел, не затоа што Швајцарците се преквалитетни, туку поради фактот што есеноска успеаа да го изненадат Манчестер јунајтед.
„Базел игра со петмина во дефанзива и на тој начин имаа извонредни настапи во групната фаза. Да не се лажеме дека ќе биде лесно, затоа што се силни и добро органзиирани во дефанзива и чекаат шанса на контранапади. Јас им кажав на моите фудбалери дека ќе биде многу тешко, особено тука во Базел. Но, ние имаме самодоверба, а целта е да стигнеме што е можно подалеку во однос на минатата сезона. Ова значи дека целта е најмалку да го минеме четвртфиналето“, вели Гвардиола.
За разлика од Манчестер сити, за кои цела јавност очекува дека пласманот во четвртфиналето нема да биде доведен во прашање, а Базел лесно ќе биде поминат, многу потешка задача е исправена пред Тотнем, едно од изненадувањата во првиот дел од сезоната, откако лондончани во групата завршија пред европскиот првак Реал Мадрид, победувајќи го во Лондон, а ремизираќи во Мадрид. Сега пред Тотнем е преголем предизвик, да се елиминира десеткуваниот Јувентус. „Старата дама“ не е така убедлива сезонава, иако во Серија А нема проблеми да врзе серија на победи, но за разлика од претходните сезони, во оваа италијанскиот гигант е далеку поскромен.
„Мора да играме интелигентно, технички и не смее да примиме гол. Нема да играме на 0-0, но мора да бидеме внимателни. Знаеме каква сила има Тотнем во нападот, особено таа четворка која е полна со квалитет. Мора да играме технички, затоа што не можеме да се тркаме со нивната физичка подготвеност. Мора посебно да внимаваме на тоа“, вели Масимилијано Алегри.