Касиљас веројатно го одигра последниот меч во Лигата на шампиони, Енфилд го испрати со овации

Големата фудбалска легенда, Икер Касиљас, синоќа со голема веројатност го одигра последниот натпревар во Лигата на шампионите, во својата импресивна кариера. Неговиот Порто гостуваше во Ливерпул, а Касиљас успеа да остане несовладан. Сепак Ливерпул се пласираше во четврт-финалето бидејќи во Порто победи 5:0.

 

Шпанецот имаше неколку добри интервенции, а во 88.минута при ударот на Дени Ингс потсети зошто долги години беше најдобар или меѓу најдобрите тројца во светот.

 

„Ако ова беше моето збогување од Лигата на шампионите, тогаш воопшто не беше лоша вечер. Не примив гол на овој фантастичен стадион, но не се знае што носи иднината. Сакам да го освојам првенството со Порто, затоа што оваа група играчи го заслужува тоа, па ќе видиме што ќе се случи на крајот на сезоната. Ако погледнам наназад, можам да бидам горд на она што сум го постигнал во оваа прекрасна игра. Поминав многу години во Лигата на шампионите и убаво е да се доживее ваков топол прием на вака голем стадион“, кажа Касиљас.

 

Кога на полувремето излегуваше на теренот, легендарната трибина „Коп” со навивачите го поздрави со овации. И тоа не е ништо ново, затоа што на „Енфилд” тоа е практика, да се поздравуваат великаните на светскиот и европски фудбал.

 


 

 

 

„Би сакал да им се заблагодарам на навивачите на Ливерпул. Не се случува често играч на противнички тим да биде испратен на ваков начин“, рекол Касиљас.

 

Бидејќи не прими гол Касиљас го подобри сопствениот рекорд во Лигата на шампионите. Во кариерата, во елитното натпреварување, тој на 59 натпревари не примил гол.

 

Дуелот на „Енфилд“ беше 171 за негов во ЛШ (и тука е рекордер), каде дебитираше на 18-годишна возраст, на 15.септември 1999 против Олимпијакос. Икер одиграл 152 натпревари за Реал и 19 за Порто.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien