Со 64 гласа мнозинството го донесе Законот за јазиците. Иако претседателот на Собранието Талат Џафери ја затвори седницата, пратениците се уште се во салата. Претходно дојде до инцидент помеѓу Џафери и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, во обид тој да му ја одземе картичката на претседателот на парламентот. Со вода беше испрскан претседателот Џафери од Груевски кога спикерот почна да ја отвора расправата за Законот за употребата на јазиците.
Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев бараше процедурално, но Џафери не му дозволи. Потоа, дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ застанаа пред Џафери и викаа „процедурално“, „процедурално“, а спикерот го читаше делот за почнување на расправата за Законот за употреба на јазиците.
Пратеникот Груевски беше најгласен и најжесток во обидот да го прекине Џафери – удираше по масата, по ѕвончето, му го мрдаше микрофонот и му ја истури чашата со вода.
Додека Талат Џафери го читаше образложението од Иванов, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ излегоа пред говорницата. Никола Груевски почна да ѕвони на спикерското ѕвонче. Џафери продолжи да чита, па Груевски му го сврте микрофонот
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат Џафери да го почитува Уставот и да го применува Деловникот, да заседава Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања и таа да даде свое мислење за прекршување на деловникот.