Почина последниот преживеан северен бел носорог

Facebook
Twitter
Email
Print

Последниот преживеан машки северен бел носорог почина по неколку месеци боледување, соопштија неговите негуватели од Кенија, објави Би-би-си.

 

Судан имаше 45 години, а беше роден во Судан во 1973 година. Откако бил заловен во 1975 година, до декември 2009 година живеел во Зоолошката градина „Двор Кралове“ во Чешка. Потоа е вратен во дивината во Кенија, како еден од последните од неговиот вид. Неговиот негувател Џејмс Моинда минатата недела изјави дека Судан ги одбројува последните денови од животот. Причина е неговата старост, која е еднаква на 90 човечки години.

 

Судан, кој беше чуван од неколку вооружени стражари за да го заштитат од ловокрадство, страдаше од компликации поврзани со неговата возраст, кои доведоа до дегенеративни промени на мускулите и коските, комбинирани со големи рани на кожата.

 

„Ветеринарите одлучија да го еутанизираат животното вчера, откако тој не можеше да стане и откако стана јасно дека многу страда. Тој беше голем амбасадор за видовите и ќе биде запаметен по работата за подигање на свеста глобално за заканите од исчезнување со кои се соочуваат не само носорозите, туку и многу други видови, како резултат на несовесната активност на човекот“, кажа Вигне.

 

По неговата смрт, во светот остануваат уште два живи примероци од овој вид на носорог, неговата ќерка Најин и внуката Фату.

 

Изумирањето на белиот носорог е директна последица на нивниот масовен лов и бавното размножување. Обидите Судан да ги оплоди своите женски роднини завршија неуспешно.

 

Но надеж сѐ уште постои… Научниците од Институт за зоолошки истражувања во Лајбниц се обидуваат вештачки да ги оплодат двете преостанати женки, користејќи сочувана сперма од изумрени мажјаци. Сепак, и самите научници признаваат дека досега методот не дал резултат. Доколку успеат во намерата, тоа може да биде спас и за многу други животински видови кои се соочуваат со изумирање.

 

Белите носорози тежат и до 2.400 килограми, и се трето најголемо животно во Африка по слонот и нилскиот коњ.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи