Поранешните вработени во училиштата и градинките од Битола денеска одржаа мирен протест пред Општина Битола поради тоа што не им биле продолжени договорите за работа на 31.12. Вкупниот број на лица кои остана без работа во Битола е околу 70. На нивно место бил вработен несоодветен кадар.
„Ние сме претставници на координативното тело на отпуштени образовни работници во последниот период од основните, средните училишта и градинките, како и вработени во административно техничката служба. Денес бараме средба со градоначалничката за да ни објасни зошто на лица кои што работат повеќе од две години во овие институции не им е продолжен или трансформиран работниот однос. На некои од нивните места се доведени нови наставници, кои немаат положено испит. Баш не интересира и зошто покрај правните, нарушени се и моралните и етички вредности на образовниот процес, на кој самиот процес нè учи. Се консултираме со правни лица, повеќето од колегите имаат покренато и постапки веќе, па ќе видиме како ќе испадни“, вели Гордана Јоначик, вработена во основното училиште „Ѓорги Сугаре“.
„Во врска со моето работно место, добиена е трансформација од определено на неопределено работно место и јас добив отказ како технолошки вишок, а веднаш по мојот отказ вработено е ново лице“, кажа Гордана Станоевска, поранешен економ во основното училиште „Коле Канински“.