Израелското бомбардирање на нуклеарниот реактор во Сирија во 2007 година е порака до Иран дека Израел нема да му дозволи на Техеран да дојде до нуклеарно оружје, изјави денес израелскиот министер за разузнавање Израел Кац.
„Со таа операција и со нејзината успешност јасно беше дадено до знаење дека Израел никогаш нема да дозволи нуклеарно оружје да се најде во рацете на оние што ја загрозуваат неговата егзистенција – тогаш Сирија, а денес Иран“, истакна Кац на својот профил на Твитер, пренесува Ројтерс.
Израелскиот министер за разузнавање го објасни ова неколку часа откако Израел официјално, за прв пат, призна дека во 2007 година извршил воздушен напад врз објектот Ал Кубар во сирискиот регион Дер ез Зор.
Израелската војска соопшти дека со тој напад била отстранета голема закана за Израел и регионот и дека тоа е „порака“ до другите.
„Пораката на нападот врз реакторот извршен во 2007 е дека Израел нема да толерира изградба која може да претставува потенцијална закана. Тоа беше пораката во 1981, тоа беше пораката во 2007 и тоа е идната порака до нашите непријатели“, изјави денес началникот на Генералштабот на израелските оружени сили Гади Еизенкот.
Од перспективата на Израел, нападот бил исклучително успешен бидејќи не само што бил уништен реакторот, туку била спречена и понатамошна ескалација и била зајакната израелската моќ на заплашување во регионот, а подоцна токму таа област во Сирија се најде во рацете на Исламска држава, истакнува Асошиејтед прес.
Инаку, нападот од 2007 личеше на израелскиот напад врз реактор во изградба во Ирак во 1981 година, за кој се веруваше дека го спречил Садам Хусен во стекнувањето оружје за масовно уништување кое можеше да биде употребено во Заливската војна една деценија подоцна.
Со денешното соопштение Израел ја тргна таинственоста од една од своите најсмели и најмистериозни операции во поновата историја.
Иако во пошироките кругови се знаеше дека Израел стои зад воздушниот напад извршен на 6 септември 2007, таа земја никогаш јавно не коментираше ништо околу него.
Одлуката Израел да објави соопштение за нападот следи откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повеќе пати ги повика САД и меѓународната заедница да преземат остри мерки против сојузникот на Сирија, Иран, забележува Ројтерс.