По иницијатива на џудо клубот „Бушидо“ од Прилеп вечерва и утре се одржуваат заеднички тренинзи на 5 џудо клубови и тоа 3 од Прилеп, клубовите Бушидо, Сеишен и Пролетер, Кожувчанка од Кавадарци и Ипон од Скопје. Според тренерот на Бушидо, Рубин Пеески, целта на овие тренинзи била младите џудисти да се запознаат, да се дружат, со цел покрај дружбата да разменат и свои искуства.
„По моја иницијатива овие два дена ќе има една џудо средба, џудо дружење на 5 клуба од Република Македонија. Три клуба се од Прилеп, еден од Кавадарци и еден од Скопје. Иницијативата и како идеја беше да покрај ривалството со клубовите, исто така младите да се запознаат и да се дружат со цел покрај дружбата да разменат и свои искуства, знаења и се разбира тие тренираат за да се борат за Македонија и сите оние искуства што ќе ги соберат од меѓу себе да ги прикажат онаму каде што настапуваат. Овие две години ние како клуб имаме соработка само со џудо клубот од Кавадарци, Кожувчанка. Ова за прв пат се случува после извесен долг временски период, исто ќе напоменам по моја иницијатива и со одобрување од другите тренери на џудо клубовите. Вакви тренинзи е потребно да има се почесто и почесто, да се дружат децата и да собираат знаења и искуство за понатаму да се борат на европските и меѓународните купови“, изјави Пеески.
РУБИН ПЕЕСКИ, ТРЕНЕР НА ЏУДО КЛУБ „БУШИДО“
Инаку џудо клубот Бушидо од Прилеп во измиинатиов период имаше голем успех на меѓународен план освојувајќи голем број медали на турнирите во Србобран, Војводина и Пеќ во Косово.
„Имаме многу понуди од другите клубови надвор од Република Македонија, бидејќи кај нас ништо не се случува мора да се насочиме кон меѓународните трунири. Имаме од прилика околу 73 понуди за разни натпревари. Во зависност од тоа колкав ќе ни биде буџетот на клубот, колку би помогнале прилепските фирми, а бидејќи тие не помагаат ништо, па ние на свој трошок одиме на меѓународните турнири, гледам дека полека нашата екипа која е хомогенизирана настапува и почнаа професионално да вадат добри резултати. Од прилика планирани ни се околу 9 меѓународни турнири, од кои на 2 бевме и ни остануваат 7. Ги одбираме меѓународните турнири каде што има над 1.000 учесници од секаде низ Европа и Балканот и одиме на квалитетни турнири, затоа што на неквалитетните турнири џабе би ги зеле тие медали кога на подобри турнири, на појаки турнири, на подобро организирани турнири би освоиле многу повеќе и би овозможиле децата да соберат многу повеќе знаење за понатамошното нивно учење и обука на џудото во градот и Република Македонија“, додава Пеески.
Според Пеески џудо клубовите засега не добивале никаква помош од државата, а истото се случувало за жал и со македонските компании кои не ги помагале овие спортови.
„Финансиската поддршка од државата е сега за сега никаква. Среќа што нашиот клуб има генерален спонзор, кој е од Србија и веќе се договоривме и веќе почнуваат тие на неколку пати да пуштаат рати на клубот во голема сума, со цел да се спонзорираат и тие, но го спонзорираат и клубот и македонското џудо, што за македонските фирми е многу жално, затоа што пробавме ние кај огромни фирми, кај големи компании и добивме негативен одговор“, потенцира Пеески.
СЛАВЕ ДИМИТРИОСКИ, ТРЕНЕР НА ЏУДО КЛУБ „ПРОЛЕТЕР“
Тренерот на џудо клубот Пролетер од Прилеп, Славе Димитриоски, вели дека овој клуб годинава одбележувал 40 години од своето постоење. Се надева дека ваквите заеднички средби помеѓу децата ќе продолжат со зголемен интензитет и во иднина.
„Активирани се повеќе џудо клубови и се договараме на некој начин да имаме една плодна соработка меѓу сите клубови во нашиот град и пошироко. Престојат некои заеднички тренинзи, барем еднаш месечно да се дружиме, децата да се дружат и се надевам дека со тоа ќе постигнеме малку поголеми резултати, со меѓусебните контакти и соработка како на наше ниво во градот, така и надвор од нашата општина. На вечерашниот тренинг учествуваат членови на џудо клубот Сеишен од Прилеп, џудо клубот Пролетер од Прилеп и џудо клубот Бушидо од Прилеп. Во текот на утрешниот ден ќе продолжат уште два тренинга, со најава дека ќе дојдат и два клубови од Скопје и Кавадарци“, вели Димитриоски.
Според Димитриоски џудото добивало на се поголема популарност во Македонија.
„Џудото зема замав, голем дел од нашите спортисти се активни и на европска сцена. Наши членови од џудо клубот Пролетер се поголем дел во составот на репрезентативните селекции на Македонија. Денеска еве учествува Ангелов Борче на Европски куп во Сараево, со останати четворица членови на репрезентацијата на Македонија. Нашите идни цели како џудо клубовии се секако постигнување на врвни спортски резултати, учества на Балканските првенства, учества на Европски купови, Светски купови итн. Но сепак не зависи се само од нас, зависи од многу фактори, пред се финансиската страна. Се надевам дека од страна на локалната самоуправа во идинина ќе наидат овие мали спортови на поголема поддршка“, додава Димитриоски.