Протести во Барселона за ослободување на Пуџдемон

Масовни протести избувнаа во шпанската провинција Каталонија, откако нејзиниот поранешен лидер, Карлес Пуџдемон вчера беше уапсен во Германија.

 

Него Шпанија го бара за едностраното прогласување на независност на Каталонија и распиша европска потерница за негово апсење. Но, неговите поддржувачи не дочекаа Пуџдемон да се појави пред судијата во Германија и излегоа на протести, каде дојде и до судири со полицијата. Повредени се најмалку 90 лица, а 10 се уапсени.

 

Демонстрантите со пароли како „Ослободување на политичките затвореници“, маски со ликот на Пуџдемон и знамиња на независност, маршираа од пред претставништвото на Европската Комисија до германскиот конзулат во Барселона извикувајќи пароли „Засрами се Европа“. Според властите, бројот на демонстранти е над 50 илјади, додека организаторите тврдат дека станува збор за многу повеќе.

 

„Има многу причини поради кои Германија може да го отфрли европскиот налог за апсење, првенствено бидејќи се злоупотребува за затворање на политички опоненти. Веројатно ќе земат предвид дека Шпанија оди кон диктатура, и дека веќе нема поделба на силите, дека нема ни парламентарна демократија затоа што оние кои беа избрани се зад решетки“, изјави Пол Бекаерт,адвокат на Карлес Пуџдемон.

 

Процесот на екстрадиција би траел околу два месеца. Доколку биде осуден во Шпанија, го чека затворска казна од триесетина години.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст, фотографија и видео, без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

WP-Backgrounds Lite by InoPlugs Web Design and Juwelier Schönmann 1010 Wien