Трагедија во сибирскиот град Кемерово. Во пожар во трговски центар загинаа над 60 луѓе. Пожарот избил на четвртиот кат каде што се наоѓале киносали и детски забавен центар.
Меѓу жртвите на стравичниот пожар што го проголта трговскиот центар во рускиот град Кемерово, наводно е и цело одделение на едно основно училиште, јавуваат светските медиуми. Како што пренесуваат, децата дошле со учителката на излет во Кемерово, при што, таа решила да прошета, а децата останале во киното, од каде, за жал не успеале да излезат.
Руските медиуми, цитирајќи очевидци, јавуваат дека кино-посетителите прво не можеле да ја напуштат салата. Кога вратите конечно се отвориле, коридорите биле преполни со чад. Не бил вклучен аларм против пожар, а излезите во случај на нужда биле затворени.
Дваесетина луѓе биле спасни од зградата, додека пак околу 100 биле евакуирани, а голем број се уште се водат за исчезнати.
Дел од очевидците тврдат дека пожарот почнал откако дете со запалка запалило трамполина, додека пак според други до пожарот дошло поради несиправна електрична инсталација. Пожарникарите успеале да го изгаснат огнот дури 12 часа по избивањето, а зградата претрпела голема материјална штета.
Претседателот Путин им изрази сочувство на семејствата на настраданите. Властите уапсија четири лица во врска со инцидентот.
„Ги истраживме сите пет ката од трговскиор центар и продолжуваме да го расчистуваме третиот. Исто така почнавме и со идентификација на телата“, изјави Владимир Пучков, министер за итни случаи на Русија.
Пожарот се смета за еден од најсмртоносните во Русија по распадот на Советскиот сојуз.
Во меѓувреме медиумите објавија дека во трговскиот центар избил уште еден пожар. Спасувачките служби соопштија дека многу луѓе сѐ уште се водат како исчезнати.