Фетел победник во Мелбурн

Facebook
Twitter
Email
Print

Германскиот пилот Себастијан Фетел триумфира на првата трка во Формула 1, која се возеше во Мелбурн, Австралија. За Фетел ова е трета победа на оваа патека во Мелбурн, на која, исто како и минатата година, беше подобар од својот ривал и актуелен светски првак, Британецот Луис Хамилтон (Мерцедес), кој заврши на втората позиција, со заостанување од 5,036 секунди.

 

Стартниот успех на Ферари го комплетира тимскиот колега на Фетел, Кими Раиконен, кој заврши на третата позиција, со заостанување од 6,309 секунди, четврти е Дани Рикардо од Ред Бул, а петти Фернандо Алонсо од Мекларен.

 

Првата победа во Мелбурн Германецот ја оствари во 2011 година, кога возеше за тимот на Ред Бул.  Клучниот момент на трката се случи во 26-от круг, кога Фетел под режимот на безбедносното возило направи молскавична измена на гумите и на патеката се врати пред Хамилтон, кој гумите ги смени седум круга порано.

 

Фетел изјави дека имале среќа поради безбедносното возило.

 

„Се надевав дека подобро ќе стартувам, но не успеав, па морав да се задоволам со третото место. Потоа повторно ја изгубив врската со Хамилтон и Раиконен. Се молев безбедното  возило да се појави, а кога еден болид застана во кривината четири, а потоа и уште еден во кривината два, бев полн со адреналин“, рече Фетел по трката.

 

За Фетел ова е 48-ма победа и 100-ти подиум во кариерата и доколку продолжи со ваков победнички ритам сезонава и стигне до петтата шампионска титула, ќе се изедначи со Аргентинецот Хуан Мануел Фанџо и ќе застане зад седумкратниот шампион, Германецот Михаел Шумахер. По првата трка, Фетел има 25 бода, Хамилтон 18, Раиконен 15, Рикардо 12 и Алонсо 10…, додека, пак, кај конструкторите, Ферари има 40, Мерцедес 22, Ред бул 20, Мек Ларен-Рено 12 и Рено со 7 поени.

Следната трка за Големата награда во Формула 1 ќе се вози на 8 април во Сахир, Бахреин.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи