Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на денешната прес-конференцијата со неговата австриска колешка Карин Кнајсл изјави дека одлуката за протерување на рускиот дипломат од земјата ја донеле по внимателно размислување и анализа и поради две причини.
Првата, како што посочи тој е да се покаже солидарност со Британија, поради труење со хемиско оружје на поранешниот руски двоен агент. Втората, според него, е бидејќи протераниот дипломат излегол од својот мандат.
„Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Но, должни сме да го заштитиме идентитетот на дипломатот и ќе биде штетно да се шпекулира. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа“, рече Димитров.
Тој порача и дека меѓу пријателите има и недоразбирања, а кога тие ќе се надминат пријателството ќе биде посилно.
Од Руската амбасада во Скопје велат дека Македонија ќе ги сноси последиците од ваквиот чекор.
„Исклучително непријателски и со ништо неоправдан чекор кој што е без преседан во руско-македонските односи. Одговорноста за последиците лежи целосно на македонската страна“, реагираше Руската амбасада во Скопје на Твитер.
МНР вчера соопшти дека и Македонија протера еден дипломат на Руската Федерација во Република Македонија поради случајот Скрипал. Како што велат од МНР, одлуката е донесена во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.